• вторник, 05 ноември 2024

Комитетот на министри на СЕ „длабоко загрижен“ поради нерегистрацијата на македонските здруженија во Бугарија

Комитетот на министри на СЕ „длабоко загрижен“ поради нерегистрацијата на македонските здруженија во Бугарија
Стразбур, 14 март 2022 (МИА) - Комитетот на министри на Советот на Европа во својата најнова одлука, донесена на 9 март, а објавена денеска, изразува „длабока загриженост“ поради тоа што речиси 16 години по првата правосилна пресуда по предметот на организацијата ОМО „Илинден“ против Бугарија, и „натаму редовно им се одбива регистрацијата на здруженијата кои имаат за цел признавање на македонското малцинство“ и дека тоа во моментов изгледа е главно „поради поголем проблем на неодобрување на нивните цели“. Како што јави дописникот на МИА, Комитетот на министри на Советот на Европа во својата најнова одлука донесена на последниот состанок на кој се разгледуваше извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права, уште еднаш го разгледа спроведувањето од страна на Бугарија на серијата од шесте пресуди по тужбите на Обединетата македонска организација „Илинден“. Во одлуката, Комитетот на министри на Советот на Европа, потсетува дека оваа група случаи на ОМО „Илинден“ против Бугарија, кои се оквалификувани како „сложени“, се однесуваат на „неоправдани одбивања од страна на судовите помеѓу 1999 и 2015 година да регистрираат здруженија кои имаат за цел да се добие признавање на македонското малцинство во Бугарија“. - Одбивањата бугарските судови го оправдуваат врз основа на загриженост за националната безбедност, заштитата на јавниот ред и правата на другите (цели насочени кон „признавање на македонското малцинство“ и наводни сепаратистички идеи) и за уставна забрана за здруженија кои остваруваат политички цели, како и за неисполнување на формалните законски барања (што за Европскиот суд за човекови права претставува повреда на член 11од Европската конвенција), се додава во одлуката. Комитетот притоа ја изразува „длабока загриженост“ дека и покрај усвојувањето на Привремената резолуција CM/ResDH(2020)197 и одлуките од јуни 2021 година, најновите барања за регистрација иницирани од здруженијата апликанти повторно се одбиени од причини, кои постојано се отфрлени од Европскиот суд, поврзани со „целите на здруженијата“ или „со конфузно толкување на статутите на здруженијата“. - Советот на Европа така уште еднаш ги повикува властите да го разјаснат постоењето и правната основа на практиката што ги обврзува здруженијата да се регистрираат според статут на здруженија од јавен интерес, посочува Комитетот. Понатаму, Комитетот на министри, во кој членуваат претставници на 46 земји членки на Советот на Европа, потенцира дека сегашните пресуди не предизвикуваат обврска да се признаат „група на лица како малцинство“, но јасно бараат од националните власти да не одбиваат регистрација во врска со целите на здруженијата, основа што Европскиот суд постојано ги отфрла. Комитетот на министри со „интерес забележа“ дека властите од Бугарија изготвиле „главни насоки“ за службениците кои работата на регистрациите и „прирачник за здруженија“ во врска со барањата за регистрација, кои треба да се финализираат и објават и да вклучат продолжување на обврската на Агенцијата да дава упатства за корекција на досиејата за регистрација. Исто така, „со интерес се забележува“ писмото од министерот за правда на Бугарија од октомври 2021 година кое содржи порака на високо ниво за извршувањето на овие случаи, притоа забележувајќи дека остануваат да се видат позитивни резултати од овие мерки. Притоа се повикуваат властите на Бугарија уште еднаш да се погрижат секое ново барање за регистрација од страна на здруженијата апликанти или слични здруженија да се разгледуваат во целосна согласност со член 11 од Конвенцијата. Комитетот на министри од Софија бара до 30 септември 2022 година да обезбеди информации за сите прашања кои би покажале конкретен напредок во однос на поединечните мерки и одлучи да продолжат со разгледување на оваа група случаи на својот следен состанок во декември 2022 година. тг/сп/

Остани поврзан