• недела, 22 декември 2024

Комисијата за избори и именувања за утре закажa седница за избор на нов член на ДИК

Комисијата за избори и именувања за утре закажa седница за избор на нов член на ДИК

Скопје, 14 февруари 2024 (МИА) - Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата за утре во 13 часот закажа седница со една единствена точка на дневен ред - Утврдување предлог-одлука за избор на член на Државната изборна комисија (ДИК), врз основа на предлозите на политичките партии. 

Во куса изјава за МИА пратеникот на Движењето Беса, Фадил Зендели потврди дека кандидатот Зулфи Адили предложен од Европската демократска партија на Арјанит Хоџа ја повлекол кандидатурата и оти во „трката“ за член на ДИК останува кандидатот предложен од албанската опозициска коалиција Европски сојуз за промена - Абдуш Демири.

Албанската опозиција веќе подолг период го бојкотира Собранието со своите пратеници поради тоа што не се избира нивниот предлог за член на ДИК.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО -ДПМНЕ, Никола Мицевски,  кој денеска присуствуваше на отворање на реновираното подрачно училиште ООУ „Страшо Пинџур“ во село Таринци во Општина Карбинци истакна дека со повлекувањето на еден од кандидатите за член на ДИК, отворени се можностите Комисијата за прашања на изборите и именувањата да го избере седмиот член на ДИК. Со ова, како што рече, се надминува проблемот со испразнетото место во ДИК, а кое треба да го пополни член на албанската опозиција.

-Она што е добро и што сакам да го спомнам денес е дека информациите коишто ги имаме дека проблемот што постоеше во Комисијата за избор и именување, односно со неповлекувањето на двата члена за пополнување на едното испразнето место за албанската опозиција, еден од кандидатите ги повлекол документите. Така што, отворени се можностите на Комисија да донесе одлука и да испратиме до пленарна седница, значи материјал врз основа на којшто еден од кандидатите, мислам дека се викаше Абдуш Демири ќе биде кандидат за пополнување на местото во Државна изборна комисија, вели Мицевски.

По именувањето на Кренар Лога за министер за правда едно место во ДИК остана испразнето. За член на Државната изборна комисија пријавени беа два кандидата - Абдуш Демири, поддржан од албанската опозициска коалиција Европски сојуз за промени и Зулфи Адили подржан од Европската народна партија на Аријанит Хоџа.фф/ев/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан