• понеделник, 13 април 2026

Колев: Максимално сме подготвени за силните противници во елитната фаза

Колев: Максимално сме подготвени за силните противници во елитната фаза

 

Скопје, 24 март 2026 (МИА) – Македонската фудбалска репрезентација до 17 години максимално подготвено го очекува утрешниот почеток на квалификациите од елитната фаза за пласман на Европското првенство во кои противниците на избраниците на селекторот Влатко Колев на турнирот во Словенија ќе бидат домашната селекција, заедно со Германија и Франција.

„Со самиот пласман во елитната фаза од квалификациите за Европското првенство, оваа генерација постигна голем успех. И покрај фактот што имаме исклучително тешки противници ќе се обидеме да направиме изненадување и нашата цел е да освоиме што е можно повеќе бодови. На турнирот ќе се соочиме со великаните на европскиот фудбал Германија и Франција, а тука е и домаќинот Словенија. Верувам дека фудбалерите кои ќе настапат на овој турнир ќе одиграат на највисоко ниво и дека ќе бидеме рамноправни во дуелите со фаворизираните противници. Момците се максимално подготвени за следните предизвици и дека претстојните три натпревари ќе бидат уште едно големо искуство за оваа талентирана генерација“, изјави селекторот Колев за официјалниот сајт на Фудбалската федерација на Македонија.

Прв противник во квалификациите на македонските фудбалери е репрезентацијата на Германија, а натпреварот се игра утре, со почеток во 16 часот.

На 28 март, во истиот термин, македонската репрезентација се среќава со Франција, а на 31. март против домаќинот Словенија.

Пласман на Европското првенство, кое од 25 мај до 7 јуни ќе се одржи во Естонија, ќе обезбедат првопласираните репрезентации со седум квалификациски групи во елитната фаза. ег

ФОТО: ФФМ

Остани поврзан