Кодексот+ за спротивставување на онлајн говорот на омраза стана дел од Законот за дигитални услуги на ЕУ
- Еврокомисијата и Европскиот одбор за дигитални услуги го поздравија вклучувањето во Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА) на ревидираниот Кодекс на однесување за спротивставувањето на говорот на омраза на интернет, кој ги поттикнува онлајн платформите доброволно да преземаат мерки за справување со ризиците на интернет.

Брисел, 20 јануари 2025 (МИА) - Еврокомисијата и Европскиот одбор за дигитални услуги го поздравија вклучувањето во Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА) на ревидираниот Кодекс на однесување за спротивставувањето на говорот на омраза на интернет, кој ги поттикнува онлајн платформите доброволно да преземаат мерки за справување со ризиците на интернет.
Како што соопшти ЕК, ревидираниот Кодекс+, кој се надоврзува на првичниот Кодекс на однесување за спротивставувањето на говорот на омраза на интернет од 2016 година, досега го потпиша Дејлимоушн, Жевидео, Икс, Инстаграм, Јутјуб, ЛинкедИн, Ракутен Вибер, Снапчет, Твич, ТикТок и сервисите за услуги на „Мајкросфот“, со што тој стапи во сила и стана дел од ДСА.
- Кодексот+ ќе го зајакне начинот на кој онлајн платформите се справуваат со содржините што ЕУ и националните закони ги дефинираат како илегален говор на омраза. Интегрираниот Кодекс на однесување ќе го олесни усогласувањето и ефикасното спроведување на ДСА кога станува збор за ризиците од ширење на илегална содржина на нивните услуги, се нагласува во соопштението.
Извршната потпретседателка на ЕК за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен ја поздрави „посветеноста на засегнатите страни на зајакнатиот Кодекс на однесување согласно Законот за дигитални услуги“.
Според неа, соработката меѓу сите засегнати страни е вистинскиот пат напред кон осигурување безбеден дигитален простор за сите.
- Во Европа нема место за омраза, офлајн или онлајн, додаде Виркунен.
Еврокомесарот за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачите Мајкл Мекграт пак нагласи дека омразата и поларизацијата се закани за вредностите и основните права на ЕУ и ја поткопуваат стабилноста на европските демократии.
- Интернетот ги засилува негативните ефекти од говорот на омраза. Имам намера да работам неуморно за да се спротивставам на говорот на омраза и криминалот од омраза во ЕУ, рече Мекграт.
Тој изрази надеж дека Кодексот+ ќе има свој учинок во обезбедувањето сеопфатен одговор на овие појави.
- Ние се залагаме, целосно, за Европа обединета против омразата, додаде Мекграт.
Сега сите онлајн платформите мора да го почитуваат Кодексот+ и нивната усогласеност со обврските што произлегуваат од него ќе биде дел од годишната независна ревизија на работата на интернет сајтовите согласно одредбите на ДСА.
Комисијата и Одборот ќе го следат и оценуваат остварувањето на целите на Кодексот+ и нивните препораки, како дел од континуираното следење на усогласеноста на платформите со постоечките правила на ДСА. сп/
Фото: ЕК