• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски: Поддршката на земјоделството и менаџирањето со енергетската криза остануваат врвни приоритети на Владата

Ковачевски: Поддршката на земјоделството и менаџирањето со енергетската криза остануваат врвни приоритети на Владата
Скопје, 28 август 2022 (МИА) - Со капитални инвестиции во изградба и реконструкција на брани и системи за наводнување и со мерките од „Национален план за производство на храна“ ќе обезбедиме максимално искористување на секоја педа обработливо земјоделско земјиште за зголемување на домашното производство на храна во време на криза. Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски, кој денеска во Општина Ранковце присуствуваше на пуштањето во употреба на системот за наводнување „Славишко поле“, организиран и модерен систем за наводнување на земјоделските површини со што се обезбедува одржливо производство за земјоделците од регионот. Премиерот Ковачевски, како што соопштија од владината Прес-служба, упати благодарност до делегацијата на Европската Унија со чија финансиска поддршка во вредност од близу 1,8 милиони евра е изграден системот, како дел од проектот на ИПА за изградба на мали нискотрошковни системи за наводнување во повеќе региони во државата, чија што вкупна вредност е околу 10 милиони евра. - Постоечкиот систем за наводнување беше нефункционален, со минимален капацитет за наводнување од само 40 хектари. Сега со новиот систем ќе се наводнуваат 200 хектари обработливо земјоделско земјиште кое го обработуваат околу 500 домаќинства од селата Псача, Петралица и Гиновци, подвлече Ковачевски. Тој посочи дека системот ќе придонесе за рационално искористување на водата од Крива Река, со што се обезбедува достапна вода за наводнување на земјоделските посеви во текот на целата година, што ќе влијае на подобрување на земјоделското производство во квантитет и во квалитет. - Крајниот резултат е да се обезбеди што повеќе храна, особено за време на криза, истакна Ковачевски, додавајќи дека системот „Славишко поле“ е само една од многуте инвестиции на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тој потсети дека во изминатите пет години ресорното Министерство вложува во капитални инвестиции во изградба и реконструкција на брани и системи за наводнување, чија вредност е близу 230 милиони евра. - Првпат донесовме „Национален план за производство на храна“, кој содржи конкретни мерки за поддршка на овој важен сектор во време на криза, и планот веќе се реализира. Тоа се мерки за зголемено производство на домашна храна, за увозна независност, мерки со кои ги поттикнуваме земјоделците максимално да ги искористат сите ресурси, секоја педа обработливо земјоделско земјиште, за да произведат повеќе, рече Ковачевски, нагласувајќи дека предвидените мерки на среден рок ќе придонесат за зголемување на домашното производство на пченица за околу 30.000 тони. Премиерот Ковачевски нагласи и дека ова значително ќе влијае врз намалување на увозот и дека поради очекуваната тешка зима, земјоделството и менаџирањето со енергетската криза остануваат врвни приоритети на Владата. вг/сп/ https://www.youtube.com/watch?v=N-I2HjssURo

Остани поврзан