• петок, 22 ноември 2024

Ковачевски: Очекуваме да се намалат цените на лебот, млекото и брашното до 10 проценти

Ковачевски: Очекуваме да се намалат цените на лебот, млекото и брашното до 10 проценти
Скопје, 16 ноември 2022 (МИА) - Со последните мерки за обезбедување евтина струја за прехранбената струја очекуваме да се намалат цените на лебот, млекото, брашното и другите основни прехранбени продукти до 10 проценти и да го заштитиме стандардот на граѓаните, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски. На заедничката прес-конференција по средбата со француската државна секретарка за Европа, Лоранс Бун, тој уште еднаш подвлече дека ЕУ се покажа како партнер од доверба и ги исполни своите ветувања, а последната поддршка што ја доби земјава од Унијата е грантот од 80 милиони евра за справување со енергетската и економската криза. - Оваа поддршка доаѓа зашто ЕУ препозна дека сме одговорна Влада која одговорно менаџира со Буџетот. Токму со тој пристап изминатиот период можевме да ги вратиме парите на граѓаните кога е тоа најмногу потребно и да обезбедиме двапати антикризни мерки за заштита на најранливите категории на граѓани и за заштита на компаниите во износ од 760 милиони евра. Токму затоа можевме да обезбедиме и ликвидност за компаниите со што ги заштитивме работните места, а и континуирано да обезбедиме 80 проценти субвенционирана струја, како и евтина струја за да има непречено функционирање на виталните функции на државата, истакна премиерот. Со таквото одговорно однесување, додаде Ковачевски, изминатиот период се обезбеди и зголемување на минималната лата на 18 илјади денари, зголемување на пензиите, на платите во образованието, во полицијата, здравството... - Со истиот овој одговорен пристап, но и визија за иднината ние пристапуваме и кон енергетската трансформација која ни е толку многу потребна особено во ова време на недостиг на енергенси. ЕУ и тука ја нуди својата поддршка и ќе е партнер од доверба обезбедувајќи можност за развој на проекти во енергетскиот сектор. Јас често пати зборувам за големите енергетски стратешки проекти кои во моментов се преговараат во Владата со стратешки партнери од странство, а еден од најголемите меѓу нив доаѓа токму од Франција – АКУО, кој е заинтересиран за изградба на голема фотоволтаична централа од 400 мегавати во регионот на Штип, подвлече премиерот. Тој уште еднаш нагласи дека иднината е во т.н. зелена енергија и во обезбедувањето енергетска независност. - Со правилна поддршка и правилно менаџирање јас сум уверен дека можеме да ја трансформираме нашата прекрасна татковина во храм на зелена енергија и да обезбедиме и енергетска независност, но да го снабдуваме регионот со струја од обновливи извори. Ова е иднината и не е недостижна. Ние веќе ги преземаме првите чекори и уверен сум дека ќе ја оствариме нашата визија и ќе обезбедиме во индустриите на иднината кои ќе ни донесат повеќе работни места, подобро платени работни места и ќе ни донесат подобра заедничка иднина, рече Ковачевски. мч/аа/

Остани поврзан