• недела, 22 декември 2024

Ковачевски: Обединети во слободата да ги продолжиме перспективите, нека ни е честит и вековит Денот на независноста

Ковачевски: Обединети во слободата да ги продолжиме перспективите, нека ни е честит и вековит Денот на независноста
Скопје, 8 септември 2022 (МИА) - По повод Денот на независноста, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, упати честитка до сите граѓанки и граѓани во државата, со порака дека обединети во слободата треба да ги продолжиме перспективите, затоа што историјата не учи дека за секој важен чекор напред, е потребно обединување.
-Го дочекуваме овој голем државен празник, обединети во едно, заедничко општество дома, како достоинствена членка на НАТО и идна членка на Европската Унија на меѓународен план. Интеграциите се битката на нашата генерација. И затоа повикувам Обединети во слободата да ги продолжиме перспективите. Историјата учи дека за секој важен чекор напред е потребно обединување. Граѓаните Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Роми, и сите други, на историскиот референдум на 8-ми септември, 1991-та година, во огромно мнозинство, сплотени, независно од етничките и политичките различности, одлучија да живеат во независна држава. Генерациите од тие 90-ти години мудро ја извлекле поуката од илинденците и асномците, кои се обединиле во борбата - за слободата и државноста, вели премиерот Ковачевски по повод Денот на независноста.
Ова е пример, истакнува Ковачевски, што покажува колку е важно заедништвото и што значи да се има мудро, храбро и прогресивно политичко лидерство, посветено на напредокот на граѓаните и на државата.
-Денес, исправени пред последиците од пандемијата и војната во Украина со коишто се соочува целиот свет, а тоа се безбедноста и достапноста до храна и енергија, можеме да констатираме дека ние, три значајни чекори направивме навреме. Станавме дел од НАТО и ја осигуравме државата, во најголемиот безбедносен сојуз, каде земјите членки солидарно се штитат меѓу себе. Ги започнавме преговорите со Европската унија гордо и со крената глава, за на истата маса, одвнатре да ги браниме јасно и гласно и понатаму нашите позиции. Ја основавме, заедно со Србија и Албанија, иницијативата Отворен Балкан, преку којашто осигуравме сериозно подобрување на регионалната соработка, но и развој на нашите економии со шанси за нови придобивки за граѓаните и компаниите, нагласува Ковачевски.
Посочува дека обединувањето на граѓаните е гаранција за домашниот мир. Добрососедските односи се гаранција за регионалниот мир. А нашето обединување меѓу 27-те членки на Европската Унија е реална и неопходна перспектива за унапредување на квалитетот на животот на граѓаните, според европските принципи и вредности.
-Започнатите преговори со Европска Унија во план е да ги завршиме многу брзо. Работиме напорно и со брза динамика граѓаните на Република Северна Македонија да бидат што поскоро дел од европското семејство. На овој 8-ми Септември, повикувам сите заедно, обединети во слободата, да се обединиме и околу идејата за Република Северна Македонија којашто брзо чекори по европскиот пат. Да се издигнеме на висина на должноста, за да ја добиеме нашата генерациска битка, порачува премиерот Ковачевски. дма/

Остани поврзан