• петок, 22 ноември 2024

Ковачевски: Нема потреба од лидерска средба, а процесот на уставни измени е структуриран

Ковачевски: Нема потреба од лидерска средба, а процесот на уставни измени е структуриран

Скопје, 5 април 2023 (МИА) - Процесот на уставни измени е структуриран процес согласно закон и согласно Устав, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање за хрватскиот модел за уставни измени.

Ковачевски беше дециден дека не може да каже што е прифатливо, а што не е прифатливо за него туку дека тој е за тоа работната група во Министерството за правда да изработи предлог којшто одговара на македонското општество, на нашите закони и на она што ние го очекуваме од нашата иднина како идна земја - членка на ЕУ. Премиерот го отфрли предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за лидерска средба бидејќи ставовите на политичките партии се веќе познати.

- Јас не кажав што е прифатливо, што не е прифатливо, кажав дека прво работи работна група во рамки на Министерството за правда во којашто членуваат експерти и во која веќе се поканети претставници на политичките партии застапени во Парламентот и којашто ќе треба врз основа на најдобрите искуства да изработат предлог којшто треба да биде ставен на расправа. И кажав дека има политички партии кои што зборуваат за еден модел, па има политички партии кои зборуваат за друг модел на амандмани, трети зборуваат за трети. Вие кажавте за хрватски, излезе друга политичка партија кажа за швајцарски модел, трета излезе за белгиски модел да зборува и затоа треба да се седне на експертско ниво и да се изработи предлог којшто одговара на македонското општество и којшто одговара на нашите закони и на она што ние го очекуваме од нашата иднина како идна земја членка на Европската унија. Јас не кажав ниту дека сум за нешто за, ниту дали сум за нешто против, рече премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференција со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.  

Тој, како што кажа, е за тоа да се донесат уставни измени со коишто ќе ги отвориме кластерите после ноември и до 2030 година ќе станеме земја - членка на ЕУ со заштитен македонски јазик, со македонски идентитет и со македонска култура што ќе ја збогати културата на ЕУ и на сите европски народи. 

Во однос на прашањето за лидерска средба, Ковачевски рече дека ваква средба имаше во декември кога беа повикани сите лидери на парламентарните партии на која се разговараше за најважните прашања стратешки за државата.

- Покрај прашањата за енергетската криза, ги информирав претседателите на политичките партии и беше така како што им кажав - немавме ниту рестрикции на струја, ниту ценовен шок, обезбедивме антикризни мерки за граѓаните итн. Второто главно прашање беше усогласувањето во однос на потребата за уставни измени со цел продолжување на европските интеграции согласно со усвоената преговарачка рамка од страна на Собранието со мнозинство гласови. На таа лидерска средба сите лидери на партии се сложија за потребата од носење на уставните измени, освен еден којшто ќутеше и двајца којшто не дојдоа. Затоа сметам дека нема потреба од лидерска средба со оглед на тоа дека веќе ставовите се познати,  

Според него, лидерска средба не е институционален формат на носење конкретни решенија, туку тоа е формат на којшто секој ги кажува своите политички ставови во однос на одредено прашање и политичките ставови ние таму како политичари, претседатели на парламентарни политички партии ги слушнавме.

- Во однос на тоа да се води дебата за уставните измени, таа дебата е структурирана повторувам уште еднаш, значи уставни измени дебата не се води на телевизија, не се води кога се пуштаат градежни работи на канализациски цевки во одредени општини. Уставни измени, дебата се води во експертска работна група каде секоја политичка партија делегира свои претставници и каде што врз основа на уставно право и врз основа на она што е пропишано се дефинираат амандмани кои потоа се ставаат на јавна расправа, рече Ковачевски.

Потоа, продолжи тој, процесот се сели на јавна расправа во општеството како што кажав и влегува во собраниска процедура каде јас верувам дека ние имаме и демократски и визионерски и стратешки капацитет како држава да ги спроведеме овие одлуки и да ги отвориме кластерите по успешно завршување на скрининг фазата во преговорите која што е во тек и за која што сите од Брисел информираат дека се одвива со најдобар ритам и на најдобар начин и дека до 2030 година Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ.

- Тоа е процесот, тоа е начинот на којшто се носат уставни измени во држава како што е Северна Македонија, држава членка на НАТО, држава која што има отворено преговори со ЕУ, рече премиерот.

Осврнувајќи се на таканаречениот хрватски модел за измена на Уставот, Ковачевски посочи дека има македонски модел кој ќе ја обезбеди европската иднина на државата.

- Сметам дека ние имаме и македонски модел бидејќи ние секогаш сме се бореле за македонска држава, за македонски јазик за кој се изборивме во преговарачката рамка и договорот ФРОНТЕКС, за македонски идентитет во кој се изборивме во преговарачката рамка. Сметам дека треба да продолжиме со македонски консензус, со македонска политичка волја и со македонска визија за европска Македонија, изјави Ковачевски.

Тој повика темата за уставни измени да не биде користена за дневна политика.

- Обврска на сите политички партии е исто како што било обврска на сите политички партии е да ги поддржат стратешките одлуки на држава и тие да не станат предмет на дневнополитичка борба. За дневнополитичка борба постојат други прашања на кои што може да се разговара со политичарите, со опозицијата, меѓу опозиционите партнери. Ова се важни одлуки за иднината на сегашните и идните генерации кои сакаат подобар животен стандард, сакаат врвни демократски институции, сакаат функционални услуги во своите држави а тоа се добива кога државата ќе ги воспостави критериумите, практиките и процедурите и законите согласно европското законодаваствои нивното функционирање на начин како функционираат во ЕУ. На крајот, македонските граѓани сакаат да живеат во ЕУ, ама сакаат да живеат во ЕУ дома, а не да живеат во ЕУ во туѓина, во држави кои се членки на ЕУ, потенцира Ковачевски. ев/лв/

Остани поврзан