• петок, 22 ноември 2024

Ковачевски и Маричиќ: Денешното достоинствено чествување на роденденот на Делчев поука за наредните години

Ковачевски и Маричиќ: Денешното достоинствено чествување на роденденот на Делчев поука за наредните години

Скопје, 4 февруари 2024 (МИА) - Поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски и вицепремиерот задолжен за европски прашања во техничката Влада, Бојан Маричиќ изразија задоволство од денешното, како што рекоа, достоинствено чествување на роденденот на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Ваквото чествување, порачаа, треба да биде поука за наредните години.

-Навистина на достоинствен начин се одбележа 152-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Драго ми е што на ваков начин го одбележавме овој голем ден во македонската историја. Тука сме во црквата „Свети Спас“ каде Делчев побарал да биде погребан, во независна суверена Република Македонија. Можеме да бидеме горди, не само што тој почива во независна Македонија, туку и во Македонија која напредува, која е дел од НАТО, која ќе стане дел од ЕУ и навистина, може и тој и сите ние да се гордееме со тоа што го направивме во изминатите децении, изјави Ковачевски по чествувањето.

Според Маричиќ, името и делото на Гоце Делчев доликува да се слави без конфликти, национализам и злоупотреба. 

-Денеска имавме убава прилика и можност да се потсетиме на делото на Делчев и да оддадеме почит на се она што го има направено за слободата на нашата татковина. На овие момент добро е да се покаже почит, но и обединетост во празнувањето на неговото име и дело, но и во оддавањето почит - вака доликува како денес што прославивме, токму вака доликува да се оддаде почит и вака е многу подобро отколку како минатата или некои други години кога овој празник што треба да обединува, предизвикувал поделби. Се надевам дека оваа година ќе биде поука за сите наредни години. Владата презема се што беше потребно за денешниот ден да помине во најдобар ред, истакна Маричиќ.

На новинарско прашање на што се должи тоа што атмосферата е смирена и без тензии, тој одговори дека навреме се делувало политички и институционално. Друга е, рече, сега и ситуацијата во Бугарија - има нова влада и ова е дел од нормализацијата на односите.

-Тоа само укажува дека секогаш кога има тензии и инциденти тие се однапред планирани, предизвикани и иницирани од одредени политички структури, без разлика дали се од оваа или од таа страна на границата. Минатата година се уште беше отворено, свежо искуството и со францускиот предлог, но пред нас беше и предизвикот кој се уште го имаме со уставните измени и токму затоа таа националистичка тензија се држеше од двете страни на границата. Драго ни е што нема провокации од Бугарија годинава, бидејќи неговото име и дело доликува да се слави без конфликти, национализам и злоупотреба. Оваа година го немавме тоа зашто навреме делувавме и институционално и политички, но и затоа што е друга ситуацијата во Бугарија, има нова влада и ова е дел од нормализацијата на односите, потенцира вицепремиерот. 

Пред гробот на Гоце Делчев денеска се поклонија претседателот на државата Стево Пендаровски, делегација на техничката Влада и на Собранието, како и претставници на дипломатскиот кор, на политички партии и на граѓански здруженија. Панихида одржа поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан кој  упати порака дека љубовта кон татковината се потврдува само со дела. мч/дма/

фото: МИА

 

 

Остани поврзан