• понеделник, 18 ноември 2024

Ковачевски - Бренан: Капацитетите и поддршката на ИРИ во процесот на реформи важни за развојот на нашето општество

Ковачевски - Бренан: Капацитетите и поддршката на ИРИ во процесот на реформи важни за развојот на нашето општество
Скопје, 31 јануари 2022 (МИА) - Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски заедно со генералниот секретар на партијата Миле Зечевиќ попладнево се сретнаа со новиот директор на Меѓународниот републикански институт за Северна Македонија, Крис Бренан. На средбата, како што соопшти Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ, се разговарало за повеќе актуелни теми и поддршката на ИРИ во процесот на реформи за развој на демократијата во општеството. Ковачевски му посакал добредојде на директорот Бренан, заблагодарувајќи му се за она што Институтот го има реализирано за земјава, но и заедно со СДСМ. - ИРИ и за СДСМ и за Северна Македонија е долгогодишен сериозен партнер кој досега давал придонес во важни процеси како за институциите на државата, така и за СДСМ. Секој проект, истражување и препорака од ИРИ, за СДСМ носеле резултати и позитивно влијаеле врз функционирањето на партијата. Како партија, но и како Влада сериозно сметаме на капацитетите и поддршката на ИРИ во процесот на реформите кои се важни за нашето општество, порача Ковачевски. Осврнувајќи се на актуелната политичка состојба, Ковачевски истакнал дека фокус на новата Влада е решавање на енергетската и економската криза преку ефикасни навремени мерки и политики, како и продолжување на евро-атланскиот пат. - Успеавме да ја решиме кризата со топлинска енергија во Скопје, имаме одговор на глобалната енергетската криза преку максимална мобилизација на сите домашни производствени капацитети. Паралелно на тоа работиме на зајакнување на економскиот стандард на граѓаните, ликвидност на компаниите и економски раст. Оваа година ќе се посветиме на капитални инвестиции кои ќе креираат забрзан раст на економијата, посочи Ковачевски додавајќи дека сега не е време за предвремени избори, туку за поангажирана и поефикасна работа на сите полиња. Директорот на ИРИ, Бренан му го честитал мандатот на Ковачевски, изразувајќи надеж дека плодната соработка ќе продолжи и во иднина. мс/са/  

Остани поврзан