• понеделник, 23 декември 2024

Кнаус: ЕУ треба годинава да ги почне преговорите со сите земји од Западен Балкан, а не да се движи во круг

Кнаус: ЕУ треба годинава да ги почне преговорите со сите земји од Западен Балкан, а не да се движи во круг
Скопје, 7 март 2022 (МИА) - Европската Унија треба да прати позитивна визија за регионот, каде што ќе каже дека сите шест земји може да станат дел од оваа зона на стабилноста, во наредните пет години. И дека ние ќе ги започнеме преговорите со сите шест оваа година, изјави вечерва Гералд Кнаус, директор на Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ), коментирајќи што треба Унијата да направи за Балканот во оваа ситуација со Украина. Кнаус во интервју за ТВ Телма вели дека ако се земе предвид дека целосно членство во наредните пет години е невозможно за овие шест земји, затоа што нема согласност за ова во ЕУ, тогаш барем Унијата да им овозможи на оние кои напорно работат, да му се приклучат на единствениот пазар, четирите слободи, да нема граници меѓу Европа и земјите од Балкнот. - Тоа ќе биде доволно да ја направи војната незамислива. Ова треба да биде објавено сега. Тогаш лидерите во регионот ќе имаат избор. Дали ќе се заложат за ова или пак, како што некои сега седат на страна, повторно ќе си играат со национализмот од минатото, оцени Кнаус. Во однос на перспективата на Северна Македонија и повторувањето на амбасадорите на ЕУ дека земјава прво треба да го реши спорот со Бугарија, па да почне преговори, Кнаус вели дека Унијата постојано се движи во круг. - Ова е тоа што јас го нарекувам самозадоволни, празни фрази на политиката на ЕУ која е пропадната. Постојано се движиме во круг. Велиме треба да го решите проблемот со Грција. Потоа треба да го решите проблемот Франција, а сега треба да го решавате проблемот со Бугарија. Потоа, кога ќе ги решите сите овие проблеми, ќе може да ги почнете преговорите кои на пример со Турција започнаа во 2005 година. А каде е Турција денес? Ова не е кредибилен предлог. Ако сега ги започнете преговорите нема да се придружите во ЕУ. Зошто луѓето не се искрени? Во моментов ниту една земја која ги почна преговорите по Турција, сега не е поблиску до членството во ЕУ. Затоа кажувањето дека сега е Бугарија и треба да го решите тој проблем, не води до тоа што е всушност проблемот. На пример, Албанија да преговара. Кој ја запира Албанија? ЕУ ја запира Албанија. Кој ја запира Црна Гора, која ги отвори сите поглавја, зошто не е членка?, истакна Кнаус. Според него проблемот е во ЕУ и процесот којшто не функционира. - Мислам дека проблемот стои веќе многу години. Овие игри, кога луѓето доаѓаат во регионот и велат, ние сме ваши пријатели, вие имате европска перспектива и потоа ќе се завртат и луѓето од Брисел велат да, но таа перспектива е дури за 50 години, рече тој. Во однос на иницијативите за брз старт на преговори со Молдавија, Грузија и Украина, Кнаус вели дека тоа не е искрено од ЕУ, затоа што Брисел нема политика за Молдавија, Грузија и Украина. - Јас би кажал да се биде конкретен затоа што ова е миг на голема опасност и ЕУ и нејзините лидери во секоја демократија соочени се со вистинска закана од руската диктатура на Путин. Што треба да направи ЕУ? На секоја демократија треба да и биде понудено нешто што е кредибилно. Интеграција која ќе значи нешто, што ќе ја смени ситуацијата. Не игра, каква што сега игра ЕУ, сега игра со Србија и со Црна Гора. Затоа мислам дека е јасно дека Украина нема да и се придружи на ЕУ. Би сметал дека е добра работа ако ЕУ и додели статус на кандидат на Украина. Но прво ЕУ треба да им даде статус на кандидат на Босна и на Косово, заклучува Кнаус. нд/бак/    

Остани поврзан