Клиника за Целите на одржливиот развој и запознавање на младите со перспективите за етичкото работење
- Целта е на студентите да им се доближи визијата за одржливиот раст и да ги мотивира во нивната идна истражувачка, академска и општествено одговорна и ангажирана улога.
Скопје, 25 ноември 2025 (МИА) - На Правниот факултет „Јустинијан Први“ на крајот од ноември се одржа првата Клиника посветена на Целите за одржлив развој (’Sustainable Development Goalѕ’ - СДГ). Целта, според организаторите, е да им се доближи на студентите визијата за одржливиот раст и да ги мотивира во нивната истражувачко-академска, општествено-одговорна и ангажирана улога.
Во фокус на дискусијата беа принципите на СДГ - збир од 17 глобални цели усвоени од Обединетите Нации во насока на справување со глобалните предизвици и постигнување подобра и поодржлива иднина за светот до 2030 година. Тука, според проф. Јулија Брсакоска-Базеркоска, спаѓаат искоренувањето или намалувањето на сиромаштијата, заштита на планетата, мир и просперитет итн. - преку универзален повик за сите земји да промовираат благосостојба, а воедно и да се справат со климатските промени и да ги зачуваат природните ресурси.

- Целите за одржлив развој се глобален повик за акција да се стави крај на сиромаштијата, да се заштити животната средина и климата и да се обезбеди сите луѓе да уживаат во мир и просперитет. Преку Клиниката посветена на Целите за одржлив развој, која беше отворена на Правниот Факултет во соработка со УНДП и „Алкалоид“, на студентите им се доближува визијата за одржлив раст и ветувањето на целите за одржлив развој. Целта на организирањето на работилниците и предавањата во рамките на Клиниката, е студентите да развијат „зелени вештини“, односно начини на живеење што се одржливи и ја имаат предвид заштитата на животната средина и природните ресурси, со можност да ги изразат своите размисли, грижи и барања и да учествуваат во поширокиот домашен и меѓународен процес на одлучување за прашањата во врска со климатските промени и животната средина, изјави проф. Брсакоска-Базеркоска за МИА.
Таа истакна дека ангажирањето на студентите во вакви активности треба да им даде можност за развивање способности во рамките на лимитираното знаење за животната средина, за регулирање на многубројните социополитички конфликти коишто инволвираат голем број заинтересирани страни во општеството - и национално и меѓународно, притоа осмислувајќи го концептот за еколошка правда.

На Клиниката, присуствуваа околу 30 студенти, како и претставници од академската заедница, приватниот сектор и меѓународните организации.
- Правниот факултет „Јустинијан Први“, кој има долга 74-годишна традиција, го препознава значењето на Целите за одржлив развој, коишто се одраз на една смела визија на ООН - преземена обврска за подобра, поздрава, побезбедна и одржлива иднина. Седумнаесетте меѓусебно поврзани и амбициозни цели за одржлив развој на ООН, што се однесуваат на главните развојни предизвици со коишто се соочуваат граѓаните на нашата земја, но и во целиот свет, се дел од нашата образовна мисија. Денешното отворање на Клиниката за одржлив развој ја покажува нашата посветеност и ја потврдува нашата мисија преку постојано осовременување да создаваме вистинско знаење, изјави деканот на Правниот Факултет, проф. д-р Сашо Георгиевски.
Оливера Панева, претставничка на „Алкалоид“, истакна дека во турбулентни времиња, одржливиот развој е двигател на модерниот бизнис и клучен предуслов за конкурентност и стабилност на долг рок.
- Основата и главната водилка во имплементирањето на стандардите за одржливи практики на работење во „Алкалоид“ се целите за одржлив развој на Обединетите нации. Затоа, ние во „Алкалоид” континуирано работиме на интеграција на СДГ' целите и ЕСГ принципите во сите наши процеси, од производство и корпоративно управување, до грижа за вработените и заедницата. Веруваме дека приватниот сектор има значајна улога во создавање позитивни општествени промени и токму затоа нашата посветеност на одговорни и транспарентни практики останува врвен приоритет. Нашата амбиција е многу јасна и едноставна, да градиме компанија која истовремено генерира вредност и придонесува за поодржлива иднина за сите, рече Панева во обраќањето пред студентите.

Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан подвлече дека е важно да се запознаат студентите и младите со идеите и имплементацијата на Целите за одржлив развој, како и да инспирира активно учество меѓу младите лица.
- Во УНДП, искрено веруваме дека еден од најдобрите начини да се приближиме кон остварување на Агендата 2030 е со здружени сили на меѓународните организации, институциите но и академскиот и приватниот сектор, поддржани од младите. Токму тоа спојување на искуства од овие сектори ќе им го понудиме на студентите кои учествуваат на оваа клиника, подвлече Григорјан.

Амбасадорката на Јапонија, Сецуко Кавахара додаде дека „Целите за одржлив развој можат да се постигнат само со заедничка соработка“ меѓу јавниот/приватниот сектор и граѓаните. Според нејзината екселенција, студентите можат да направат огромен придонес со помагање на промената на свеста и начинот на однесување на граѓаните во секојдневниот живот.
Одржливиот развој вообичаено се опишува како стопанско-економски раст и напредок на едно општество, без или, веќе - со што помалку штетни еколошки последици по животната средина.
Во таа смисла, концептот ЕСГ ги спојува трите главни столба (’Environmental, social, and governance’/ ’Екологија (животна средина), социјални прашања и управување’) коишто современите бизниси мора да ги следат за да се обезбеди одржлив раст и етичко работење. Еколошкиот апсект го разработува влијанието на компаниите врз животната средина. Тука е вклучено управувањето со природните ресурси, како и отпадот, загадувањето, и влијанието врз климатските промени. Социјалниот аспект го следи односот на една компанија кон своите вработени, доставувачи, корисници, но и кон заедниците. Оваа област опфаќа работни практики, услови за работа, инклузија, човекови права и вложување во заедницата. Управувањето ги опишува внатрешните односи, практики, прописи, контроли и процедури што компанијата ги усвојува и спроведува при раководењето. Тука спаѓаат, на пр. именувањата во управувачкиот одбор, платите на раководителите, ревизиите и правата на акционерите. си/
Фото: Правен факултет „Јустинијан Први“ - Скопје