• понеделник, 23 декември 2024

Клименко: Русија го изведе најголемиот напад во оваа година

Клименко: Русија го изведе најголемиот напад во оваа година

Киев, 1 ноември 2023 (МИА) - Украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко денеска соопшти дека Русија гранатирала повеќе од 100 населени места во изминатите 24 часа, повеќе од кој било друг ден оваа година.

Руските сили истрелаа милиони гранати врз украинските градови и села долж линијата на фронтот откако ја започнаа офанзивата минатиот февруари, со што многу места во источна Украина станаа урнатини.

-Во последните 24 часа непријателот гранатираше 118 населени места во 10 региони. Ова е најголемиот број на градови и села кои се нападнати од почетокот на годината, напиша Клименко на социјалните мрежи.

Тој извести и за руски напад врз нафтена рафинерија во Кременчук, индустриски град во централниот дел на земјата.

-Немаше жртви, но беа потребни неколку часа речиси 100 пожарникари да го изгаснат пожарот, рече Клименко.

Киев и Западот стравуваат дека Русија ќе ги засили нападите врз енергетската инфраструктура на Украина пред студената зима, како што направи Москва минатата година.

Во текот на ноќта при гранатирање загина едно лице во североисточниот регион Харков и едно во јужниот регион Херсон, соопштија локалните власти.

Воздухопловните сили на Украина денеска соопштија дека собориле 18 од 20-те руски беспилотни летала лансирани во текот на ноќта, додека руското Министерство за одбрана информира дека собориле две украински беспилотни летала над регионите Брјанск и Курск, кои граничат со Украина. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан