• сабота, 23 ноември 2024

Кипар и Либан се договорија да соработуваат за справување со зголемените мигрантски бранови

Кипар и Либан се договорија да соработуваат за справување со зголемените мигрантски бранови

Никозија, 8 април 2024 (МИА) – Зголемените мигрантски бранови по морски пат од Либан до Кипар била главната тема за која кипарскиот претседател Никос Христодулидис разговараше во Бејрут со либанскиот премиер Наџиб Микати и претседателот на Парламентот Набих Бери и било договорено двете земји да соработуваат со помош на ЕУ за справување со проблемот, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис во писмената изјава за средбите рече дека Христодулидис и Микати констатирале дека проблемот со мигрантите е „заеднички и заедничко треба да биде справувањето преку координирани активности“, а била договорена соработката на двете земји со значителна помош на Европската комисија.

-Претседателот Христодулидис се осврна на тековните дискусии на ниво на Европската унија, посочувајќи дека имплементацијата на намерите на ЕУ зависи и од резултатите од активностите на двете страни за справување со миграцијата и зголемените текови кон Кипар. Либанското раководство го препозна императивот и се обврза да ги интензивира напорите за надзор за да се идентификуваат мрежите на нелегалните криумчари, соопшти портпаролот на кипарската Влада.

Исто така, било договорена посветеност од двете страни во имплементацијата на она што денеска беше договорено, како и дека треба да има координација меѓу Кипар-Либан-Европска комисија, како и преземање активности меѓу Либан и ЕУ.

Во последниот период на Кипар е зголемен бројот на мигранти, кои по морски пат пристигнуваат од Либан, а минатата седмица, како што пишуваа кипарските медиуми за помалку од пет дена во Република Кипар пристигнаа 14 чамци со 768 мигранти. ср/ссм/

Остани поврзан