Кино на отворено во општина Кисела Вода
- На првата вечер беше прикажан детскиот филм „Бунтовната принцеза“, синхронизиран на македонски јазик, а потоа и „Марија“, посветен на оперската уметница Марија Калас.
Скопје, 22 август 2025 (МИА) - Во паркот „Македонија“ кај Домот на култура „Билјана Беличанец“ синоќа почна со работа киното на отворено, што Општина Кисела Вода го организира во соработка со „Киноверзум“, Кинотека и Францускиот институт. На првата вечер беше прикажан детскиот филм „Бунтовната принцеза“, синхронизиран на македонски јазик, а потоа и „Марија“, посветен на оперската уметница Марија Калас.
Како што информира Општина Кисела Вода, програмата продолжува вечерва со франкофонска содржина. Во 20:00 часот ќе биде прикажан анимираниот филм „Каламити“, а во 21:30 часот играниот филм „Повторно родена“.

Киното на отворено ќе трае до 24 август, со проекции на филмови за различни возрасти и вкусови. В сабота, во рамки на македонската вечер ќе бидат прикажани блок краткометражни играни филмови „Ракетно моделарство“, „Баскет“ и македонскиот филм „До балчак“.
В недела посетителите ќе можат да ги погледнат анимираниот филм за јунаците од светот на Биби „Златната пеперутка“ и македонскиот документарен филм „Медена земја“. мд/са/
Фото: Општина Кисела Вода