• понеделник, 23 декември 2024

Кина гради нуклеарен реактор за воен брод

Кина гради нуклеарен реактор за воен брод

Пекинг, 11 ноември 2024 (МИА) - Кина изгради копнен прототип на нуклеарен реактор за голем воен брод, според анализата на сателитски снимки и документи на кинеската влада, што е најсилен показател досега дека Пекинг напредува кон изградбата на својот прв носач на авиони на нуклеарен погон.

Иако веќе ја има најголемата морнарица во светот според број на бродови, Кина брзо ја модернизира својата флота, а додавањето на носачи на авиони на нуклеарен погон би било клучен чекор во остварувањето на нејзината амбиција да стане глобална поморска сила која би можела да им конкурира на САД. „Носачите на авиони со нуклеарен погон би ја сместиле Кина во ексклузивен круг на водечки поморски сили, каде што моментално припаѓаат само САД и Франција“, рече Тонг Жао, висок истражувач во фондацијата Карнеги.

Ова откритие дојде од истражувањето на Институтот за меѓународни студии Мидлбери во Калифорнија, каде што ги проучувале планините во близина на градот Лешан во југозападна Кина. Иако првично се сомневале дека Кина гради реактор за производство на плутониум или тритиум за оружје, тие заклучиле дека Пекинг е фокусиран на прототип на реактор за голем воен брод.

Документите сугерираат дека реакторот наскоро ќе биде целосно оперативен, а се наоѓа во нова постројка наречена База 909, која вклучува уште шест други реактори во различни фази - од активни и во изградба до оние во фаза на деактивирање, пишува Еуроњуз.

Проектот е контролиран од Кинескиот институт за нуклеарна енергија, подружница на Кинеската национална нуклеарна корпорација која спроведува истражување и тестирање на реактори.

„Проектот за развој на нуклеарна енергија речиси сигурно значи развој на носач на авиони на нуклеарен погон“, напишаа истражувачите во извештајот од 19 страници. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан