• недела, 22 декември 2024

Кина ги обвини САД дека отворено се мешаат во работите на Хонг Конг

Кина ги обвини САД дека отворено се мешаат во работите на Хонг Конг
Пекинг, 6 август 2021 (МИА) - Кина го осудува меморандумот усвоен во Вашингтон за Хонг Конг и го оценува како нескриено мешање во нејзините внатрешни работи, се наведува во соопштението на Комесаријатот на кинеското Министерство за надворешни работи во административниот регион. „Ова е нескриено мешање во работите на Хонг Конг и во внатрешните работи на Кина и е грубо кршење на нормите на меѓународното право“, се вели во документот.

Во соопштението се истакнува дека усвојувањето на Законот за национална безбедност „ја врати стабилноста во Хонг Конг, го зајакна владеењето на правото и ги обезбеди легитимните права и интереси на локалното население“.

Комесаријатот нагласува дека законот е насочен исклучиво кон „неколкумина антикинески бунтовници што ја загрозуваат националната безбедност“ и дека 117 лица се приведени за негово кршење.

„Кинеската влада е категорична во својата решеност да се спротивстави на мешањето на надворешните сили во работите на Хонг Конг и Кина, да го заштити суверенитетот на земјата, безбедноста и развојните интереси и да спроведе политика ’една земја, два система’“, се додава во соопштението.

Американскиот претседател Џо Бајден потпиша декрет со кој се доделува привремен азил на одредени категории жители на Хонг Конг, кои се загрозени од прогон од централната влада во Кина.

Според соопштението на Белата куќа, претседателот потпишал „меморандум со кој се наложува одложување на протерувањето на одделни жители на Хонг Конг, кои во моментов се во САД и им се дава привремен азил“.

Во документот се нагласува дека САД имаат „убедливи надворешно политички причини“ да преземат соодветни мерки. паг/

Остани поврзан