• недела, 22 декември 2024

Ким Џонг-хјун: Претседателот Јун Сук-јеол лично го прегледа декретот за воведување воена состојба

Ким Џонг-хјун: Претседателот Јун Сук-јеол лично го прегледа декретот за воведување воена состојба

Сеул, 11 декември 2024 (МИА) - Претседателот Јун Сук-јеол лично изврши правна проверка на декретот за воена состојба што го донесе минатата недела и учествуваше во пишувањето на конечниот текст, изјави денеска поранешниот јужнокорејски министер за одбрана Ким Џонг-хјун.

Доскорешниот министер за одбрана ова им го кажа на обвинителите за време на неговото прво испрашување по апсењето, објави денеска Јонхап.

За време на петчасовното испрашување, поранешниот министер за одбрана наводно сведочел дека Јун Сук-јеол лично извршил правна ревизија на прогласувањето воена состојба и дека тој и претседателот заедно го напишале последниот нацрт, додека Јун Сук-јеол уредувал дел од содржината.

Ким Џонг-хјун, исто така, рече дека на 1 декември доделил должности поврзани со прогласувањето воена состојба на највисоките воени функционери, кога се обидел да влезе во објекти поврзани со Националната изборна комисија за да обезбеди докази поврзани со наводите за наводна изборна измама.

Поранешниот министер за одбрана во текот на изминатата ноќ се обидел да си го одземе животот во притворскиот центар „Донгбу“ во Сеул, каде што се наоѓа под обвинение за бунт, но моментално е во стабилна состојба, соопшти Министерството за правда.

Ким беше уапсен под обвинение дека му помагал на претседателот Јун Сук-јеол да ја спроведе прогласената воена состојба, која беше окарактеризирана како бунт.

Според законот, планирањето бунт се казнува со смрт, доживотен затвор или минимална казна затвор од пет години.

Јужнокорејската казнена служба на состанокот на парламентарната законодавна комисија објави дека Ким е во заштитна ќелија по обидот да си го одземе животот.сд/

Остани поврзан