Киев: Украинските сили го запреа рускиот напредок кај Покровск
- Украинските сили успеаја да го запрат напредувањето на руските трупи на источниот фронт, а Генералштабот денеска соопшти дека тешката состојба во близина на Добропиља и Покровск „се стабилизира“.
Киев, 14 август 2025 (МИА) - Украинските сили успеаја да го запрат напредувањето на руските трупи на источниот фронт, а Генералштабот денеска соопшти дека тешката состојба во близина на Добропиља и Покровск „се стабилизира“.
Според портпаролот на Генералштабот, Андриј Ковалев, Првиот Азовски корпус на Националната гарда, заедно со соседните и подредени единици, им нанеле значителни загуби на противничките сили, при што биле заробени и неколку руски војници.
Во последните денови, руските единици напредуваа повеќе од 10 километри североисточно од Покровск во правец на Добропиља, што, според медиумски извештаи, укажува на можен пробив во Доњецката област.
Како одговор, Украина распореди резерви, вклучително и единици на Азов, познати по големото фронтовско искуство, откако силите во Покровск се соочија со закана од опкружување.
Украина веќе повеќе од три години се брани од целосната руска инвазија. Во февруари 2024 година, единиците на Третата јуришна бригада „Азов“ беа испратени во Авдивка за да спречат руска офанзива, но градот „падна“ неколку дена подоцна. ссм/
фото: архива