• недела, 24 ноември 2024

Кеми Бејденок избрана за лидерка на Конзервативната партија на Велика Британија

Кеми Бејденок избрана за лидерка на Конзервативната партија на Велика Британија

Лондон, 2 ноември 2024 (МИА) - Британската опозициска конзервативна партија денеска ја избра Кеми Бејденок (44) за претседателка, со што заврши четиримесечната трка за замена на поранешниот премиер Риши Сунак.

Министерката за трговија во претходната конзервативна влада, Бејденок е родена во Лондон, по потекло од Нигерија, каде што поминала голем дел од своето детство.

Бејденок, софтверски инженер, се залага за слободен пазар со ниски даноци и ветува дека ќе ја „заврти, рестартира и репрограмира“ Велика Британија. Како критичар на мултикултурализмот и самопрогласен непријател на „воук“ културата, таа се најде на мета на критики затоа што неодамна изјави дека „не се сите култури еднакви“.

Кеми Бејденок го победи Роберт Џенрик во гласањето на 100.000 членови на Конзервативната партија. Во трката што траеше повеќе од три месеци, конзервативните пратеници го намалија бројот на кандидати од шест, а партиското членство гласаше за двајцата финалисти.

Бејденок го наследува поранешниот премиер Риши Сунак, кој во јули ги предводеше конзервативците до нивниот најлош изборен резултат од 1832 година. Конзервативците изгубија повеќе од 200 места, паѓајќи на 121.

По завршувањето на гласањето во четвртокот, двајцата кандидати им се заблагодарија на своите поддржувачи за поддршката во текот на трката.

Бејденок ја опиша Конзервативната партија како „семејство“ и изјави дека за неа партијата е „многу повеќе од само организација“.

Џенрик, исто така, повика партијата да „го надмине драматичниот период“ од последните години и да се „обедини“.

Во текот на кампањата за избор на нов партиски лидер, посебно беа разгледувани имиграцијата, економијата и начинот на кој конзервативците можат да ја вратат довербата на британските гласачи.

Сега Бејденок се соочува со голем предизвик да го врати угледот на нејзината партија по повеќе години со скандали и економски немири и да ги врати конзервативците на власт на следните избори, кои треба да се одржат во 2029 година.

„Задачата пред нас е тешка, но едноставна“, рече таа во нејзиниот победнички говор пред преполната просторија со конзервативни пратеници и новинари во Лондон.

„Нашата прва задача како опозиција е да бараме одговорност од лабуристичката влада. Нашата втора задача е да имаме јасен план до следните избори за тоа како да ги спроведеме нашите идеи, јасен план за промена на оваа земја со промена на начинот на кој работи владата“, истакна Бејденок. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан