• недела, 22 декември 2024

„Кајмак“ на Манчевски на фестивалска премира во Тајпеј

„Кајмак“ на Манчевски на фестивалска премира во Тајпеј
Скопје, 4 ноември 2022 (МИА) - Филмот „Кајмак“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски ја имаше своја премиера во Тајпеј, каде се прикажуваше вон конкуренција на Филмскиот фестивaл „Златен коњ“. Вчера и завчера филмот имаше две проекции, а потоа Манечевски делеше автограми и одржа сесии разговори со публиката. По премиерата завчера, „Кајмак“ или „Дует во страст“ како што е кинескиот превод на филмот, имаше и втора проекција, и уште еден разговор со публиката, а предвидени се уште две прикажувања. Во моментов, „Кајмак“ е на второ место по популарност кај публиката на фестивалот „Златен коњ“. Во рецензијата за „Кајмак“ која е проследена со интервју со Манчевски на порталот „A Good Movie to Watch“, се вели дека режијата на Манчевски има „мајсторски фат“ и дека „разноликоста на расположението се протега на изведбата на ансамблот, кој се покажа повеќе од кадарен да ги игра обете страни на истата пара“. Филмот има непредвидливo гледиште за кармичка правда и тоа треба да биде уникатно, трагикомично искуство за секој кој ќе има среќа да го гледа, се вели во рецензијата. - Сакам да правам филмови кои меѓу себе се разликуваат. Ако го повторувате истиот сентимент, тогаш сте само добар бизнисмен, но не и добар уметник. Во „Кајмак“ раскажувам љубовна приказна за возрасни. Постојат многу филмови кои го симплифицираат интимниот однос меѓу возрасните, ама во животот љубовните врски не функционираат на принципот - принцот и принцезата живеат долго долго среќно. „Кајмак“ е повеќе филм за тоа какви сме, отколку какви сакаме да бидеме, изјави вчера Манчевски. На втората проекција дојде и тајванскиот режисер Цаи Минг-Лианг со кого Манчевски се сретна и на светската премиера во Токио минатата недела. Филмскиот фестивал во Тајпеј, кој постои од 1962 и е еден од најстарите во Азија е конгломерат во кој се споени престижните награди „Златен коњ“ за најдобар филм од азиски автор, промоцијата на светските филмови и филмската академија. Досега на Тајван се прикажани речиси сите филмови на Манчевски, а во 2019 година за првпат беше гостин на овој фестивал, кога беше прикажан филмот „Врба“. Како што е најавено, по премиерата во Тајпеј, „Кајмак“ наскоро ќе ја има и македонска премиера и потоа веднаш ќе биде на редовен репертоар во сите киносали низ земјава. бт/сп/

Остани поврзан