• недела, 24 август 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Кашиковски: Вработените во „Флораком“ и „Луна“ повторно протестираа, ако не се најде решение, од понеделник штрајк на солидарност

Кашиковски: Вработените во „Флораком“ и „Луна“ повторно протестираа, ако не се најде решение, од понеделник штрајк на солидарност

Скопје, 14 август 2025 (МИА) -  Вработените од друштвата со ограничена одговорност „Флораком“ и „Луна“, кои се фирми-ќерки на ЈП „Паркови и зеленило“ - Скопје и денеска повторно излегоа на протест поради неисплатени две плати и тоа што немаат здравствено осигурување. Два часа го блокираа булеварот „Илинден“. 

Претседателот на Синдикатот на СУТКОЗ (Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Република Македонија) Стојанче Кашиковски информира дека биле неуспешни нивните напори да издејствуваат од раководството на  ЈП „Паркови и зеленило“ - Скопје исплата на овие две плати и здравственото осигурување.

-Вработените од овие две фирми - „Флораком“ и „Луна“ во текот на вчерашниот ден беа соочени и со притисоци од раководството на „Паркови и зеленило“ - Скопје да не излегуваат на протест, односно да не бараат остварување на правото на исплата на плати. Ние, како Синдикат СУТКОЗ, кој е единствен репрезентативен синдикат за комунални дејности, од понеделник во судовите ќе поднесеме соодветни поднесоци, односно кривични пријави и тужби против директорот на „Паркови и зеленило“ поради тоа што со неисплатата на платите и со здравственото осигурување на вработение во овие две фирми и на нивните семејства им е загрозено здравјето и нивниот живот, изјави Кашиковски.

Потсети дека од Советот на Град Скопје пред две недели беа изгласани субвенции во износ од 80 милиони денари, кои се доволни не само да се исплати платата на околу 62 вработени во „Флораком“ и „Луна“,туку пари доволни да се исплати и платата на вработените во „Паркови и зеленило“.

- Не разбираме зошто и покрај изгласаните субвенции, и покрај обезбедените пари од Советот на Град Скопје, раководството на Град Скопје и назначениот директор во „Паркови и зеленило“ од страна на градоначалничката, не преземаат мерки да го решат овој проблем и на овие вработени да им се исплатат платите за да не мора на овие пеколни температури да протестираат и дополнително да го загрозуваат своето здравје, рече Кашиковски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Кашиковски рече дека дел од вработените на „Флораком“ и „Луна“ во понеделникот имале краток состанок со директорот на  „Паркови и зеленило“ и им било кажано - „нема пари, стрпете се“.

Тој најави дека од понеделник, во договор со вработените, ќе одлучат за понатамошните чекори и не ја исклучуваат можноста блокадите да ги извршат на Град Скопје и заедно со вработените да излезат и нивните семејства. 

-Доколку не се најде решение во текот на утрешниот ден, односно не им се исплатат платите, вработените ќе одлучат и ние како Синдикат, дали ќе повикаме, тоа ни го дозволува законот за јавни претпријатија, на штрајк на солидарност. За почеток прво ќе ги повикаме вработените од „Паркови и зеленило“, а понатаму ќе одлучиме, појасни Кашиковски. мд/вј/

Фото: МИА

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан