• понеделник, 23 декември 2024

Каталонија се соочува со сериозен недостиг на вода, апел за штедење до потрошувачите

Каталонија се соочува со сериозен недостиг на вода, апел за штедење до потрошувачите

Барселона, 18 декември 2023 (МИА) - Владата на Каталонија побара од нејзините 7,5 милиони жители да не се тушираат во спортски сали, базени, фудбалски клубови и други спортски објекти бидејќи снабдувањето со вода драстично се намали во покраината во североисточна Шпанија поради големата суша.

„Ги повикувам граѓаните да не се тушираат во спортски објекти, туку дома, бидејќи има многу помала потрошувачка на вода“, изјави Дејвид Маскорт од каталонската влада, задолжен за прашања поврзани со климатските промени.

Без дожд со месеци, количината на вода во акумулациите во Каталонија се намали на 25 отсто од капацитетите, поради што денеска беше свикан состанок на официјалните лица.

Плашејќи се дека јануари исто така може да биде сушен, Владата најави нови рестриктивни мерки, вклучително и штедење во спортските објекти во Барселона, Жирона и други места.

Намалена е и дозволената потрошувачка на вода за жителите, од 230 на 210 литри дневно.  Доколку нивото на водата падне на 16 отсто во акумулираните езера, од каде што водоводот ја испорачува водата до домаќинствата и индустријата, на жителите ќе им биде дозволено да трошат најмногу 200 литри дневно. Доколку нивото на водата продолжи да опаѓа, дозволената потрошувачка ќе се спушти на 160 литри по лице.

Каталонија е еден од најтуристичките и најиндустриски богатите делови на Шпанија, па ваквите мерки би можеле да ги погодат локалните компании, но и земјоделците на кои им е потребна вода за нивните посеви. ссм/

фото: архива

Остани поврзан