• недела, 22 декември 2024

Каселакис: Случај без преседан одлуката да му се забрани на легално избраниот претседател на партијата повторно да се кандидира

Каселакис: Случај без преседан одлуката да му се забрани на легално избраниот претседател на партијата повторно да се кандидира

Атина, 14 октомври 2024 (МИА) – Преку видео на социјалните мрежи, разрешениот лидер на СИРИЗА Стефанос Каселакис одговара на одлуката на Централниот комитет да ја блокира неговата кандидатура за претседател на партијата, потенцирајќи дека највисок орган е Конгресот, на кој како што посочува, ќе се одлучува за сè, јави дописничката на МИА од Атина.

Во саботата Централниот комитет со широко мнозинство одлучи Каселакис да не може да биде кандидат за лидер на изборите што ќе се одржат на крајот на ноември.

- Малцинство членови на еден орган му забрани на легално избраниот претседател на партијата повторно да се кандидира. Тоа е случај без преседан во историјата на земјата и е шокантен случај во историјата на левицата. Но, највисок орган на СИРИЗА е Конгресот. Тој ќе одлучи за сè. Нашиот глас е Конгресот. Знаете дека мала група луѓе се способни за сè. Ако видат дека не можат да победат на Конгресот, повторно ќе го одложат. Но, и механизмите имаат свои граници. И затоа барам од вас да станете голем бран на демократија што ќе ги збрише сите овие механизми, вели Каселакис во видеото.

Од членовите бара да не ги напуштат партиските органи и да станат „штит на демократијата“ и ги повикува „левичарските и прогресивните граѓани, кои не членови на СИРИЗА“, веднаш да се зачленат за да можат да гласаат за делегати.

Истакнува дека „бегањето ќе беше лесно решение“, посочува дека е тука и ги повикува поддржувачите да го вратат „достоинството на демократската партија“, која „не го заслужува ова понижување“.

- Земете ја СИРИЗА во ваши раце. На конгресот. Демократијата возвраќа, порачува Каселакис на крајот од видеото.

Партискиот Конгрес ќе се одржи од 8 до 10 ноември, а изборите за лидер се закажани за 24 ноември.

Во септември минатата година, Каселакис беше избран за претседател на грчката левичарска партија, а нешто помалку од една година подоцна со одлуката на Централниот комитет беше разрешен, а потоа и исклучен од трката за лидер на СИРИЗА. ср/

Остани поврзан