• недела, 22 декември 2024

Каселакис одново ќе се бори за претседател на СИРИЗА

Каселакис одново ќе се бори за претседател на СИРИЗА

Атина, 3 октомври 2024 (МИА) – Поранешниот претседател на СИРИЗА Стефанос Каселакис, кој со одлука на Централниот комитет, минатиот месец беше разрешен од функцијата, одново ќе се бори за лидерската позиција во грчката опозициска партија, а кандидатурата ја соопшти попладнево преку видео на социјалните мрежи, јави дописничката на МИА од Атина.

На почетокот од речиси четириминутното видео, Каселакис се претставува, исто како што го стори тоа и лани во видеото за тогашната кандидатура за лидер, но овој пат го користи само името, а не и презимето, велејќи „Јас сум Стефанос“ и им се извинува на оние кои, како што вели, ги разочара и на оние кои гласаа и го поддржаа. 

-Лично не се чувствувам изневерен, туку порешителен од било кога да не ве изневерам никогаш. Тука сум затоа што вие сте тука. А ние сме тука за нашата СИРИЗА. За нашата земја, за нашите животи, за нашата иднина, истакнува во видеото.

Ги повикува членовите и симпатизерите заедно да изградат СИРИЗА во која има место за сите, со ново единство, партија што ќе биде автономна и силна, што „денес е гласот на многумина, а во иднина Влада на напредокот“.

-Владата е во заминување и вие го знаете тоа. На нејзино место, или ќе дојде наводна централно-левичарска конструкција во служба на незаконитостите и корупцијата, или ќе дојде нашата СИРИЗА, една обновена, неуништлива и некорумпирана партија од современата левица. СИРИЗА или сега ќе се прероди или ќе замине во историјата како сеќавање. Стариот има силни корени. Новото може да доцни, може да наиде на пречки, може да падне, но повторно се крева. Секогаш стигнува до крајот на патот. Секогаш се раѓа. По овој пат на новото, ви барам да чекориме заедно. Вашата поддршка е потребна повеќе од кога било. Немам партиски механизам. Ве имав и ве имам само вам, вели Каселакис во видеото.

„Тука сум“ е фразата со најчесто ја користи во целото видео, порака што е и на самиот крај како слоган.

СИРИЗА во период од една година, одново ќе одбира претседател, откако на почетокот на септември Централниот комитет го изгласа предлогот за недоверба на лидерот Стефанос Каселакис и беше разрешен од функцијата.

Изборите ќе се одржат на 24 ноември, а доколку е потребен втор круг, ќе биде по една седмица.

Досега, освен Каселакис, официјално се кандидирани поранешниот министер Павлос Полакис, кој неодамна беше избришан од СИРИЗА, па повторно вклучен, европратеникот Никос Фарандурис, поранешниот претседател на пратеничката група Сократис Фамелос, актерот Апостолос Глецос.

Стефанос Каселакис беше избран за лидер на СИРИЗА на крајот на септември минатата година и предизвика несогласувања во партијата, по што неколку фракции си заминаа и 11 пратеници избрани од СИРИЗА на изборите во 2023 година ја формираа пратеничката група Нова левица.

На парламентарните избори пред нешто помалку од една и пол година СИРИЗА освои 17,83 отсто од гласовите додека пак на евроизборите во јуни годинава 14,92 проценти, а и во двата изборни процеси беше на второто место.

Според истражувањата на јавното мислење во Грција објавени во изминатиот период СИРИЗА е со намален рејтинг и паѓа на третата или четвртата позиција, а во однос на кандидатите за партиски лидер, Каселакис има предност. ср/

Остани поврзан