• недела, 22 декември 2024

Каракашев: Националната мрежа на земјоделци бара да се направи нова производна цена за пченицата

Каракашев: Националната мрежа на земјоделци бара да се направи нова производна цена за пченицата

Штип, 8 јуни 2024 (МИА) - Националната мрежа на земјоделци бара Земјоделскиот институт да направи калкулација за нова производна цена за пченицата, пред самиот старт на жетвата. Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната мрежа на земјоделци, вели дека единствено така земјоделците нема да работат со загуба, како што било пракса низ годините. 

За оваа година се очекуваа подобри и поголеми приноси на пченицата и јачменот.

- Врз основа на производната цена мора да се договараме со откупувачите. Нема да дозволиме да биде стихиен откуп. Моментално сѐ уште немаме официјално почнато со откуп и жетва, меѓутоа, последните информации од терен говорат дека се движат од 8 до 10 денари и не ги одразува производните трошоци и земјоделците работат со загуба, додава Каракашев.

Посочува дека лани производството на еден килограм пченица, производителите ги чинеше 19, а откупувачите им ја откупуваа за 10 денари по килограм.

Каракашев истакнува дека токму тоа е и причина за годинава да има помалку површини под житни култури, а тоа најмногу може да се забележи во Штипскиот и Овчеполски регион. Затоа и недостатокот од житни култури станува глобален проблем. На светските берзи, пченицата го достигнала својот максимум и деновиве се продавала по цена од 27 денари.

 - Сите анализи покажуват дека во светот поради климатските промени и елементарни непогоди, имаме драстично намалување на жетвата и се очекува оваа година да има голем дефицит на житарици. Побарувањата ќе бидат големи и се очекува да расте и откупната цена, смета Каракашев.

Следната недела се очекува средба на Националната мрежа на земјоделци со Земјоделскиот институт.

Во земјава во просек се произведуваат околу 250.000 тони пченица. Овие приноси не се доволни, па за да се покријат основните потреби на населението, пченица се увезува од странство.вдј/бд/

Фото: МИА 

Остани поврзан