• понеделник, 23 декември 2024

Караванот на Литера во посета на Гевгелија

Караванот на Литера во посета на Гевгелија
Скопје, 17 октомври 2022 (МИА) – Колку е важно децата да растат со сликовници, да бидат опкружени со книгите и да ја развиваат визуелната култура, беа само дел од темите што Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ викендов ги отвори во Гевгелија. Карванот на фестивалот ги посети основните училишта „Владо Кантарџиев“ и „Крсте Мисирков“ во Гевгелија и „Ристо Шуклев“ во Негорци и се сретна со љубопитните дечиња спремни за нови сликовници и приказни. -Преку промоција на неколку наслови од поновата македонска издавачка продукција за деца, пред учениците беа отворени прашањата за: значењето на сликовницата како прва средба и со илустрацијата и со пишаниот збор, за важноста од читањето книги, збогатување на речникот, развивање на фантазијата и на креативноста, се наведува во денешното соопштение од „Литера“. Тимот на „Литера“ гостуваше во Гевгелија на покана на Домот на културата „Македонија“ каде што беше поставена и изложбата „Дом без граници“, составена од илустрации на четворица македонски автори: Кристијан Јованоски, Наташа Андонова, Инес Ефремова и Надица Златкова-Митевска. Истата изложба неодамна беше претставена и во Пазин, Хрватска каде што наиде на одличен одѕив, а гевгеличани ќе имаат можност да ја погледнат и во наредните десетина дена. „Како се создава сликовница“ беше темата на саботната работилница која помина во прекрасна атмосфера. Весели детски насмевки, љубопитни очи, шарени цртежи и многу, многу приказни. Малите љубопитници и по три часа не сакаа да ги завршат своите дела или бараа да им се прочита приказна плус, што, стои во соопштението,  е најголема потврда за тимот мисијата „Литера“ е успешна. „Сликовница без граници“ беше темата на трибината на која креаторите на фестивалот разговараа со своите домаќини од Домот на културата. - Сликовницата е првиот медиум преку кој децата учат за приказните и за илустрацијата. Таа е многу важна уште од најрана возраст, а актуелните светските тенденции велат дека никогаш не е прерано, ниту предоцна за сликовница. Сè повеќе автори и издавачи креираат сликовници и за возрасни, затоа е многу важно сликовницата и воопшто книгата да биде дел и од формалното и од неформалното образование и на децата и на младите, но и на возрасните, рече новинарката Сребра Ѓорѓијевска, модератор на трибината. Многу е важно децата најпрвин визуелно да го осознаат светот, а потоа и низ растењето и низ образованието да ја запознаат уметноста во сите форми. Тоа е многу корисно за нив, но и за општеството, се надоврза Мирјана Крстева Массетти, ликовна уметница и директорка на Домот. -Така се создаваат генерации на кои културата и уметноста нема да им бидат туѓи и на нив нема да гледаат со потценување. Тоа ќе бидат генерации кои ќе имаат вештина и за критичко промислување на нештата, истакна таа. Знаеме дека сме на добар пат, доколку и по три часа поминати во раскажување приказни и цртање, децата не сакаат да си заминат, рече Софија Семенпеева-Трајановска, основач на фестивалот. -Ако сме инспирирале и само едно дете да продолжи да биде љубопитно за креативно изразување, нашата мисија успеала. Токму затоа годинава „Литера“ реши да патува и да ги доближи квалитетните изданија до што повеќе деца од цела Македонија, подвлече таа. Патувачкиот карван досега ги посети: Богданци, Валандово, како и селата Чалакли и Казандол, а следната активост е предвидена за во Скопје. Четвртото издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ е потпомогнато од Халкбанк АД Скопје, а е поддржано и од Министерството за култура. ев/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан