Камбоџа и Тајланд се обвинуваат меѓусебно за прекршување на примирјето
- Камбоџа денеска, трет ден откако беше постигнат прекин на огнот, го обвини Тајланд за притворање на 20 свои војници и убиство на уште еден.
Бангкок/Пном Пен, 31 јули 2025 (МИА) - Камбоџа денеска, трет ден откако беше постигнат прекин на огнот, го обвини Тајланд за притворање на 20 свои војници и убиство на уште еден.
Петдневните интензивни борби меѓу двете земји од Југоисточна Азија минатата недела убија најмалку 43 лица, многу од нив цивили, и принудија 300.000 да избегаат. Во понеделникот, завојуваните страни постигнаа договор за прекин на огнот во Малезија.
Тајланд оттогаш ја обвини камбоџанската армија за прекршување на прекинот на огнот неколку пати, тврдење на кое властите во Пном Пен го негираат и возвратија обвинувајќи ја тајландската армија за нелегално притворање на своите војници.
-Ја повикуваме тајландската страна веднаш да ги врати нашите 20 војници, вклучително и други ако се под тајландска контрола, изјави денеска камбоџанскиот премиер Хун Сен.
Камбоџанскиот генерал-полковник Рат Дарарот изјави дека еден војник починал во притвор во Тајланд по прекинот на огнот и дека неговото тело е вратено. Тој не даде дополнителни детали.
Тајландскиот контраадмирал Сурасант Конгсири изјави дека во Тајланд моментално има 20 камбоџански војници кои се предале, вклучувајќи двајца кои се на лекување.
-Ги истражуваме за да ги утврдиме фактите. После тоа, ќе ги ослободиме, рече вршителот на должноста тајландски премиер Пумтам Вечајачаи, нагласувајќи дека тајландската војска не го прекршила договорот.
Бангкок и Пном Пен се согласија да ги вратат повредените војници и телата на убиените и да се воздржат од воено засилување на границата.
Камбоџа вчера однесе воени аташеа и дипломати на границата за да го потврдат прекинот на огнот, во време кога двете страни велат дека се прекршува. Двете земји со децении се во конфликт околу неодредени точки на нивната граница долга 817 километри. Во центарот на конфликтот се античкиот хиндуистички храм Та Моан Том и Преах Вихер од 11 век.
Примирјето беше постигнато со посредство на Малезија и под притисок на американскиот претседател Доналд Трамп, кој се закани дека ќе ги напушти трговските разговори ако не постигнат договор. Двете земји се соочуваат со царини од 36 проценти за увоз во САД, нивниот најголем пазар. мс/
фото: ЕПА архива