• сабота, 14 февруари 2026

Калас: Во светот постојат принципи, но нема одговорност за нивното кршење

Калас: Во светот постојат принципи, но нема одговорност за нивното кршење

Минхен, 13 февруари 2026 (МИА) – Високата претставничка на Европска Унија за надворешна политика Каја Калас денеска изјави дека на меѓународниот поредок му недостига одговорност.

- Сите се потписници на Повелбата на Обединетите нации. Принципите се таму. Но, што се случува ако некој ги прекрши тие принципи? Одговорноста очигледно не функционира - наведе Калас на панелот „Пресвртна точка: Меѓународниот поредок помеѓу реформата и уништувањето“ на Минхенската безбедносна конференција.

Таа оцени дека и Советот за безбедност не функционира како што треба, а ОН не го одразуваат светот каков што е во моментов.

- Повеќето земји во светот сакаат поредок базиран на правила, тие сакаат правила што ќе регулираат како комуницираме едни со други и како меѓусебно дејствуваме - истакна Калас.

Таа посочи  дека големите меѓународни конфликти низ историјата го поттикнале развојот на меѓународното право и дека сегашната криза претставува можност за светот да се развива.

Коментирајќи ја процената на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека стариот светски поредок повеќе не постои, таа истакна: „Што е спротивното на светскиот поредок базиран на правила? Тоа се тиранијата и војните. И тоа е очигледно каде сме во моментов“. ми/

фото: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан