• среда, 27 ноември 2024

И покрај олеснетите мерки, џамиите во Косово остануваат затворени и за Бајрам

И покрај олеснетите мерки, џамиите во Косово остануваат затворени и за Бајрам
Приштина, 16 мај 2020 (МИА) - Исламската заедница на Косово (ИЗК), по консултациите и во соработка со Министерството за здравство, оцени дека во земјата и натаму постои опасност од ширење на пандемијата на Ковид-19, поради што одлучи да не ги отвори џамиите ниту за верскиот празник Фитр Бајрам, кој годинава е на 24 мај, јави дописникот на МИА од Приштина. Косовскиот муфтија Наим Тернава, по вчерашната средба со вршителот на должноста министер за здравство, Арбен Витиа, информира дека отворањето на џамиите нема да биде опфатено со листата на олеснителни мерки од втората фаза, што треба да стапи во сила в понеделник, на 18 мај, и покрај тоа што моментно тече светиот месец за муслиманските верници, Рамазан, кој завршува со нивниот најголем верски празник, Фитр Бајрам. Како што се наведува во соопштението на ИЗК, муфтијата им се заблагодари на сите верници муслимани за почитувањето, во прв ред, на препораките на Министерството за здравство и на Институтот за јавно здравство на Косово, како и на одлуките на ИЗК. - За Исламската заедница на Косово беше мошне тешка одлуката за откажување на клањањето со џемат (верници) на дневните намази и на другите собири, изјави Тернава. Според челникот на ИЗК, деновиве имало интензивни активности со цел во последните десет дена на месецот Рамазан да се отворат џамиите, меѓутоа по разговорот со министерот за здравство е заклучено дека „тоа би претставувало голема опасност и дека здравјето на верниците е примарно и најзначајно“. Министерот Витиа исто така им се заблагодари на муслиманските верници за тоа што ги почитуваат препораките на здравствените институции и одлуките на Претседателството на ИЗК. - Плановите на здравствените институции се расипаа во изминатите четири дена, кога бројот на нови случаи со Ковид-19 се зголеми, поради што ситуацијата продолжува да биде несигурна, се цитира Витиа во денешното соопштение на ИЗК. Во Косово досега се потврдени 955 случаи на заразени од новиот коронавирус. Од нив, излекувани се 691 лице, додека починаа 29 заболени, така што официјалната бројка на активни случаи, вклучително податоците за минатиот ден, изнесува 235. Вчера беа извршени 300 тестирања, при што се регистрирани десетмина новозаразени и еден излекуван. Последниот смртен случај на заболен од Ковид-19 е забележан на 12 мај. иа/ми/

Остани поврзан