• понеделник, 25 ноември 2024

Итни законски измени за надминување на проблемот со педијатри во Охридската болница

Итни законски измени за надминување на проблемот со педијатри во Охридската болница
Охрид, 16 ноември 2022 (МИА) - Детското одделение во охридската Општа болница една година не хоспитализира пациенти, ниту има 24 часовни дежурства. Причина за тоа е немањето доволно педијатри. Двајца доктори вршат само амбулантски прегледи од 8 до 20 часот, во работни денови. Во доцните ноќни часови, викендите и празниците, болните деца се носат во Струшката болница. Таму, пак, сликата е поинаква. Полни ходници деца, бидејќи Детското одделение, покрај од струшко, опслужува пациенти и од Дебар и Охрид. Министерството за здравство, односно министрите од овој сектор во неколку наврати ветуваат решение на проблемот, но на дело нема ништо конкретно. Една од најавите на претходниот министер Венко Филипче беше ротација на доктори од Клиниката за детски болести од Скопје, додека актуелниот министер Беким Сали пред повеќе од еден месец најави дека ќе доаѓаат доктори од болницата во Струга. Директорот на Охридската болница Асен Шајн во изјава за МИА посочи дека во координација со ресорното Министерство бараат решение, без прецизен одговор кога охриѓани би имале Детско одделение со хоспитализација и 24 часовни дежурства. - Постојано сме во комуникација со Министерството за здравство за изнаоѓање решение. Двајца доктори се на специјализација, а сега ќе испратиме уште двајца, изјави кусо Шајн.   И од Министерството за здравство без прецизни одговори на прашањата на МИА за конкретно решавање на проблемот и од кога охриѓани, но и туристите може да очекуваат нормално функционирање на Детското одделение во Охрид. - За Охридската болница интензивно се бара начин за надминување на предизвикот со педијатри во рамки на законските можности. Министерството е фокусирано на изнаоѓање подолгорочно решение со цел да се обезбеди зајакнување во областа педијатрија за Охридскиот регион. Во таа насока, од Охридската Болница, во моментот на специјализација се 21 доктор, меѓу кои и двајца доктори на специјализација по педијатрија, како и во областите интерна медицина, анестезиологија, гинекологија и другу, информираа од ресорното Министерство. Со новата Програма за специјализација, додаваат, за годинава се предвидени уште две нови специјализации по педијатрија за Охридската болница. Проблемот наметнат од пред 15 години, за нормално функционирање на Детското одделение потребни се најмалку седум години Во моментот педијатриското одделение во Охрид функционира со двајца специјалисти, во прва и втора смена, односно од 8 до 20 часот. Но, за четири-пет месеци, исполнувајќи го законскиот максимум за работа, едниот лекар ќе оди во пензија и ќе остане само еден педијатар. Надлежните укажуваат дека пратени се специјализанти, но никој не го споменува фактот дека специјализацијата по педијатрија трае пет години. Иако во моментот има четворица специјализанти од Охрид, тоа не го исполнува минимумот за да функционира одделението. За тоа се потребни најмалку шест специјалисти. Началникот на Детското одделение во Охрид, доктор Орхан Зекир смета дека единствено законски измени би помогнале за надминување на проблемот со педијатрите. Според него, враќање на стариот систем со диспанзери или спојување со здравствениот дом би овозможил минимум шест педијатри за да функционираат како детско одделение. - Она што сега почнува да се работи, со испраќањето доктори на специјализација по педијатрија требаше да почне пред 15 години за да не дојдеме до ова. Тогаш требаше да се има план, кој доктор кога оди во пензија и да се пуштаат доктори на специјализација од соодветната област. А сега ќе ни требаат седум-осум години за да воспоставиме еден приближно нормален систем. Моментално имаме четворица педијатри на специјализација, но тоа не го исполнува ниту минимумот, смета доктор Зекир, кој зад себе има 35 години работно искуство во областа. Доктор Зекир и неговата колешка, кои покрај двосменското работење, на сопствена иницијатива одат на работа и во викендите и празниците за да ги опслужат дечињата во дневната болница и да ја намалат нивната мака да одат во Струга да примаат терапијата. Овие двајца педијатри три години веќе немаат користено ниту годишни одмори, со цел да им излезат во пресрет на своите сограѓани. - Се однесуваме доста алтруистички. Се обидуваме да бидеме во служба на оние на кои најмногу им требаме, на децата. Доаѓаме и во викендите да работиме. Во моментот има 24 деца кои примаат инфузија. Тоа се 24 стартни прегледи. Дојдовме до ситуација да не можеме да постигнеме, да издржиме физички. Ние сме хронично уморни. Пружаме многу повеќе од она што можеме, нагласи докторот.   Според него, за да се формира одделение кое ќе работи 24/7, потребни се минимум шест педијатри. - Во вакви услови, нас ни требаат осум години да формираме одделение и да работиме онака како што треба да се работи. Затоа потребни се итни законски измени да излеземе од моменталната ситуација и Охрид да добие Детско одделение со 24 часовни дежурства. Ова не е политички проблем. Ние тука лечиме деца од сите политички партии и националности. Тука нема политика, вели доктор Зекир. Наплив на пациенти во Струшката болница Директорот на Струшката болница Арменд Арслани вели дека во Детското одделение се згрижуваат пациенти од целиот регион. Таму, посочи директорот, имаат пет специјалисти педијатри и тројца специјализанти и функционираат непречено. Доктор Ферид Салкоски, педијатар во Струшката болница вели дека со недостигот на педијатри во Детското одделение во Охрид зголемена е фреквенцијата на пациенти кај нив, посебно во дежурства. - Откако настана проблемот со недостигот на педијатри во Болницата во Охрид, кај нас има зголемена фреквенција на пациенти, посебно во дежурствата, односно ноќните часови и викендите ни се пооптоварени. Во прва и втора смена покрива Детското одделение во Охрид и нема толкав наплив. Пациентите никогаш не ги делиме дали се од Охрид или од Струга, но евидентно е дека бројката е зголемена за разлика од истиот период претходните години, забележува Салкоски. Во овој период од годината во Детското одделение во Струга има од 60 до 80 прегледи во текот на 24 часа, а во викендите и до 120 прегледи, но во зимските месеци, педијатрите очекуваат зголемување на бројката. - Успеваме да ги згрижиме сите пациенти и ниту едно дете досега не сме вратиле. Сега за сега успеваме да се одржиме, вели Салкоски. Детското одделение во Струшката болница има капацитет за лежечка хоспитализација на 12 до 15 дечиња, но и дневна болница со дополнетелни осум кревети за деца кои имаат потреба од еднократна интравенска терапија. Охриѓани револтирани што мораат да ги носат децата на дежурство во Струга Револтот кај охриѓани, но и кај туристите од земјава и странство е голем, што се приморани во ноќните часови, во викендите и празниците да ги носат децата на преглед во соседна Струга. За родителите на мали дечиња несфатливо е во 21 век во град како Охрид, кој е и најголем туристички центар во државата, да нема елементарни услови за најмалите. - Несфатливо е во 21 век доколку детето ти се разболи да мора да го носиш во соседен град за да му се укаже лекарска помош. Жално е што ова се случува во Охрид, од градот кој едно време бил центар на напредок и развој, а сега прераснува во едно сивило и очај, вели разочаран татко на бебе. Тој забележува дека вината е колективна и оти никој не се труди да се надмине проблемот. - Вината за немањето доктори во педијатрискиот оддел е на државата и раководствата на Болницата. Никој не сноси одговорност, а уште помалку се труди да ги поправи работите. И не само родителите на мали деца, туку сите охриѓани се гневни на немањето доктори во Болницата, нагласува таткото. И Кате, мајка на две малолетни деца, смета дека проблемот треба да се реши што побрзо бидејќи дежурната служба им е повеќе од потребна. - Проблемот со недостиг на педијатри во охридската болница треба под итно да се реши. Со мали деца сме и функционирањето на дежурната служба ни е навистина потребно. Во текот на денот има матични доктори и ќе се снајдеме, но неколку пати ми се случило буквало во сред ноќ да ги носам децата на Детското одделение и да ја добиеме потребната нега, нормално во периодот кога функционираше третата смена, посочува мајката. Покрај охриѓани, гневот околу немањето 24 часа дежурни педијатри во градот, го искажуваат и туристите, кај кои одморот или викендите планирани за релаксација во туристичкиот центар се претворале во трчање по болници и барање помош за најмалите членови во соседните градови. Детското одделение во Охридската болница ги има сите услови за работа. Комплетно е опремено со современа опрема, ехо апарати, апарат за спирометрија, инфузомати... Има капацитет за хоспитализција на 20-тина дечиња, во убаво уредени соби и апартмани, но и дневна болница. Слаѓана Стојкова Костоски

Остани поврзан