Итконен: ЕК и Словачка заеднички ќе проценуваат за евентуална компензација поради прекинот на транзит на руски гас преку Украина
- Евентуалната финансиска компензација за Словачка за штетите предизвикани од прекинот на транзит на руски гас преку украинска територија, ќе зависи од заедничката проценка на ситуацијата, изјави денеска портпаролката на ЕК за клима, енергија, домување, животна средина и оданочување Ана-Кајза Итконен.
Брисел, 10 јануари 2025 (МИА) – Евентуалната финансиска компензација за Словачка за штетите предизвикани од прекинот на транзит на руски гас преку украинска територија, ќе зависи од заедничката проценка на ситуацијата, изјави денеска портпаролката на ЕК за клима, енергија, домување, животна средина и оданочување Ана-Кајза Итконен.
Таа додаде дека ова ќе биде едно од прашањата за кои ќе се расправа во Работната група чие формирање е договорено на вчерашната средба на еврокомесарот за енергија и домување Дан Јоргенсен и словачкиот премиер Роберт Фицо во Брисел.
- Главната задача на Работната група е да го идентификува и разјасни економското влијание и да се најде заедничко разбирање за ситуацијата, додаде Итконен.
Портпаролката нагласи дека Работна група ќе биде на техничко ниво и нејзина задача ќе биде да работи на прашања покренати од Словачка во врска со прекинот на транзит на руски гас низ украинска територија.
- Нашите служби во Комисијата веќе работат на создавање на оваа група и очекуваме таа да се состане што е можно поскоро во наредните недели, рече Итконен.
Таа додаде дека групата ќе вклучува високи претставници од Еврокомисијата и од Словачка, но дека во оваа фаза не е во можност да го каже нејзиниот точен состав.
- За тоа веројатно ќе имаме повеќе информации кога групата ќе почне да се состанува, додаде Итконен.
На прашање дали во групата ќе учествуваат и украински претставници, Итконен само одговори дека во врска со ова прашање ЕК е во „многу близок контакт со Украина“, како на политичко, така и на техничко ниво.
Во заедничкото соопштение по средбата меѓу Јоргенсен и Фицо беше наведено дека е договорено формирање „Работна група на високо ниво со задача за следење и идентификување на опциите врз основа на заедничка проценка на ситуацијата“ и да се види како ЕУ може да помогне во овој случај.
Во изјавата беше наведено дека двајцата соговорници имале „добра и отворена дискусија“ за енергетската ситуација и пошироките импликации од прекинот на транзитот на рускиот гас преку Украина. - Словачка и Европската комисија ќе продолжат внимателно да разговараат за овие прашања, и на политичко и на техничко ниво, се додава во изјавата. сп/
Фото: МИА Архива