• понеделник, 23 декември 2024

Италија започна клинички испитувања за вакцина против Ковид-19

Италија започна клинички испитувања за вакцина против Ковид-19
Рим, 24 август 2020 (МИА) - Италија започна клинички испитувања за потенцијална вакцина против Ковид-19, приклучувајќи се на глобалните напори за борба против пандемијата. Институтот „Лазаро Спаланчани“, болница специјализирана за заразни болести, ќе спроведе клиничко испитување на 90 волонтери во текот на следните неколку недели. Од Институтот изразуваат надеж дека вакцината би можела да биде достапна до пролет следната година. Директорот на Институтот, Франческо Ваја изјави дека првиот волонтер што ќе ја прими вакцината ќе биде под медицински надзор четири часа пред да биде пуштен дома, по што неговата состојба ќе се следи во текот на наредните 12 недели. Во овој период, лекарите треба да утврдат дали вакцината е безбедна, дали предизвикува несакани ефекти и дали тоа доведува до создавање неутрализирачки антитела. - Втората фаза на клиничко испитување на вакцината ќе се спроведе во земји со повисоки стапки на зараза, како што се Мексико и Бразил, рече Ваја, додавајќи дека првите вакцини би можеле да се појават на пазарот следната година. Потенцијалната вакцина ГРАд-Ков2 е развиена од страна на компанијата „Реј Тера“ во Рим. Како што пренесуваат странските агенции, претходните испитувања на оваа вакцина, спроведени врз животни, дадоа позитивни резултати. Италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанца го објави на Фејсбук почетокот на клиничките испитувања на вакцината и истакна дека земјата е во служба на глобалните напори за борба против Ковид-19. Италија е една од европските земји најтешко погодена од пандемијата на коронавирусот. Досега се потврдени околу 260.000 случаи на Ковид-19 во земјата, а починаа повеќе од 35.000 луѓе. Клинички испитувања за потенцијални вакцини против Ковид-19 се спроведуваат низ целиот свет, како во Индија, Велика Британија, Русија, Кина. паг/

Остани поврзан