• вторник, 05 ноември 2024

Италијански пратеник го предложи Нетанјаху за Нобеловата награда за мир

Италијански пратеник го предложи Нетанјаху за Нобеловата награда за мир
Ерусалим, 16 септември 2020 (МИА) - Италијанскиот пратеник Паоло Гримолди го предложи израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за Нобеловата награда за мир во 2021 година. Тоа би било признание за неговите напори да постигне мир со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин, објавија денеска израелските медиуми.
Гримолди важи за пријател на Израел и ја посетил таа земја неколку пати, но тој никогаш не се сретнал со Нетанјаху. Тој доби потврда за номинацијата од Комисијата за доделување на наградата. Двајца пратеници од конзервативниот Ликуд на Нетанјаху имаа намера да придонесат за номинацијата на Нетанјаху, но Гримолди ги престигна.
Тие побараа од Израелецот Јисрале Ауман, добитник на Нобеловата награда за економија во 2005 година, да го номинира Нетанјаху. Ауман за израелските медиуми изјави дека ќе биде среќен ако Нетанјаху ја добие наградата заедно со престолонаследникот на Емиратите, исто како што поранешниот израелски премиер Менахем Бегин ја доби наградата заедно со египетскиот лидер Анвар Садат. Се испостави дека добитниците на Нобеловата награда можат да номинираат кандидати само за областа во која тие ја добиле.
Американскиот претседател Доналд Трамп исто така е номиниран за Нобеловата награда за придонес за договорот Израел-Емирати, од норвешкиот пратеник Кристијан Тибринг-Гједе. паг/
   

Остани поврзан