Италијанецот Алесандро Чиочети именуван за нов главен секретар на ЕП
- Тој на 1 јануари ќе го наследи Германецот Клаус Веле, кој е на функцијата од 2009 година

Стразбур, 13 септември 2022 (МИА) - Италијанецот Алесандро Чиочети е именуван за нов главен секретар на Европскиот парламент (ЕП), а постапката според медиумите е изведена со контроверзна одлука.
Чиочети на 1 јануари ќе го наследи Германецот Клаус Веле, кој на функцијата беше од 2009 година.
Одлуката кој ќе ја добие оваа позиција, ја донесуваат 14 потпретседатели на ЕП и пет членови на советодавната канцеларија познати како квестори.
По сослушувањето на четворицата кандидати, се одржа „внимателно разгледување“ и одлуката Чиочети да биде именуван, е донесена со „многу големо мнозинство“, се наведува во соопштението на ЕП, без да биде прецизирано кој гласал за него.
Именувањето предизвика остри критики од Зелените и Социјалдемократите во Европската Унија. Според потпретседателката на ЕП, Хејди Хаутала од Зелените, избирачкиот процес е несоодветен, а секој кандидат се претставувал само десет минути.
Чиочети сега е шеф на кабинетот на претседателката на ЕП, Роберта Мецола. бд/сд/