• петок, 22 ноември 2024

Исчистено дел од речното корито во Куманово, граѓаните бараат да продолжи долж течението

Исчистено дел од речното корито во Куманово, граѓаните бараат да продолжи долж течението
Куманово, 10 септември 2022 (МИА) - Расчистено е речното корито во близина на стариот градски парк во Куманово, соопштија денеска надлежните. Делот од речното корито е исчистен со средства од минатогодишниот тендер за чистење на дел од речните корита на реките: Којнарка, Липковка, Кумановка и Крива Река на територија на општина Куманово и диви депонии за кој од општината беа одвоени скоро два милиони денари.
Месецов истекува договорот со избраната компанија за чистење на речните корита и диви депонии. Од одделението за јавни набавки информираа дека го подготвуваат тендерот за избор на компанија за листење на речните корита за тековната година. Лани, на тендерот беше избрана компанијата од општина Василево, друштво за градежништво, трговија и услуги ЕВРОГРАДБА-ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ село Владиевци, Василево и за оваа намена од буџетот беа одвоени милион, 994 илјади 220 денари со вклучен данок на додадена вредност. Кумановци велат дека треба да се исчистат и речните корита долж теченијата на реките и во другите делови од градот. Тие повикуваат на засилени контроли, суштинско применување на законските одредби и казни за несовесните граѓани кои фрлаат смет во речните корита. Дел од уметниците на свој начин испратија пораки до надлежните од општината дека е потребно чистење на речните корита.ам/свс/

Остани поврзан