• вторник, 23 јули 2024

Истражување: Само шест проценти од директорите во јавните претпријатија се жени

Истражување: Само шест проценти од директорите во јавните претпријатија се жени
Скопје, 21 април 2020 (МИА) - Според анализата на Институтот за демократија, со јавните претпријатија во нашата држава најчесто управуваат мажи, при што само шест проценти од директорите се жени. - Податоците од истражувањата укажуваат дека во 2018 година само 29 отсто од членовите на управните и надзорните одбори биле жени, а во 2019 овој процент изнесувал 28. Најизразена е состојбата кај директорските позиции, каде што само шест проценти се жени. Ваквата состојба укажува на систематска дискриминација која оневозможува еднаков пристап до раководни позиции во сите области на нашето живеење, истакнуваат од Институтот за демократија  „Социетас Цивилис“ - Скопје. Оттаму потенцираат дека родовата еднаквост значи дека жените и мажите, еднакво треба да уживаат исти права, ресурси, можности и заштита во општеството. На глобално ниво, постигнувањето на родова еднаквост е од приоритетна важност и се користат различни методи за да се урнат сите родовите бариери и сите форми на дискриминација. - Учеството на жените и мажите во сите области од јавниот и приватниот сектор е од клучна важност, што подразбира и еднаков статус и третман во остварувањето на човековите права и развојот на индивидуалниот потенцијал. Таквата потреба не е исклучена кога се работи и за јавните претпријатија. Праксата во нашата држава покажува дека кога е во прашање управувањето со јавните претпријатија постојат значителни разлики помеѓу жените и мажите, велат од Институтот. ир/сп/

Остани поврзан