• недела, 22 декември 2024

Истражување на ИРЛ за пожарот во модуларната болница во Тетово

Истражување на ИРЛ за пожарот во модуларната болница во Тетово

Скопје, 14 август 2023

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во својот најнов документарен филм „Убиство во Тетово“ открива досега непознати факти за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица, кои покажуваат саботирани истраги и прикривања на пропустите при градењето на модуларните објекти од страна на одговорни лица во институциите. Денеска новинарите ги објавија документите на кои се заснова истражувањето заедно со пресек на клучните настани што довеле до трагедијата и до прикривањето на виновниците од страна на обвинителите. 

Истражувањето покажува дека модуларните ковид-болници, вклучувајќи ја и изгорената во Тетово, биле градени несоодветно заобиколувајќи повеќе законски процедури. Се граделе без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за противпожарна заштита, без надзор на изградбата и низа други законски пропусти. Документите до кои дојдоа новинарите на ИРЛ покажуваат дека за несоодветната тендерска постапка, аларм се вклучил уште при првиот повик за изградба на модуларен ковид-центар, кога надлежноста беше во Министерството за локална самоуправа. Тогашниот министер Горан Милевски ја поништил постапката бидејќи биле прекршени повеќе закони, а се сомневал дека одредени фирми се фаворизираат. 

По ова, надлежностите за спроведување тендер му се префрлаат на Министерството за здравство, тогаш водено од Венко Филипче. И во поништената постапка и подоцна во повторената постапка, тендерот го добива македонската компанија „Брако“, една од семејните фирми на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.  

Подоцна се реализира уште еден тендер за изградба на 17 модуларни ковид-центри во внатрешноста на земјата, вклучувајќи ја и таа во Тетово. Овој тендер е спроведен од Министерството за труд и социјална политика во соработка со Министерството за здравство. Пет од болниците ќе ги гради валандовската фирма „ЈБТ Ари и Том“, а останатите 12 вклучувајќи ја и тетовската ќе ги гради „Брако“. 

Техничката спецификација за изградбата на овие модуларни објекти е подготвена и потпишана од архитектката Вања Андонова, тогаш кабинетски службеник кај министерот Филипче. Андонова по заминувањето на Филипче од министерската функција, се вработува во „Брако“.

Непосредно пред да се случи пожарот, почнува да се подготвува уште еден тендер за модуларни објекти, овој пат за замена на старите објекти на амбулантите во Скопје. Овој тендер го добива фирма-ќерка на „Брако“, компанијата „ЕМС“.

Само што почнаа да се градат првите три модуларни амбуланти, се случи пожарот во Тетово. Неколку денови по пожарот, изведувачот побарал да се подобрат стандардите за изградбата на амбулантите. За изградбата на овие 10 амбуланти била ангажирана и фирма за надзор над изградбата, што не е случај со претходните модуларни објекти. Сега, новововедениот надзор ќе каже дека техничката спецификација не ги исполнува ниту минимум стандардите за безбедност и отпорност од пожар.

Документите покажуваат дека далеку од очите на јавноста, изведувачот и Министерството за здравство потпишале анекс на договор за да ги подобрат стандардите, а со тоа се зголемила и цената на изведбата за околу 15 отсто. Овој анекс на договор, иако е законска обврска, Министерството за здравство нема да го достави до Бирото за јавни набавки, институција надлежна да ги објавува сите склучени договори на институции.

Покрај спорните елементи околу тендерските постапки, документацијата што новинарите на ИРЛ ја обезбедија, покажува дека истрагата за пожарот првично се водела во насока кон тоа да се откријат причините за пожарот и зошто толку брзо изгоре целиот објект, но неколку месеци подоцна се поднесува обвинение за сосема други кривични дела.

Документацијата покажува дека обвинителите, тројца од Тетово и двајца од Скопје, уште во првиот месец знаеле дека спорна е техничката спецификација, нарачале и четири вештачења што ги лоцираат причинско-последичните врски за пожарот. Меѓу овие документи се и вештачењето за електричната инсталација и извештајот од германските форензичари.  Меѓутоа, сосема нејасно обвинителите ќе се одлучат да нарачаат уште едно, петто вештачење, изработено од професори од Факултетот за електротехнички науки, кое, пак, изнесува спротивни гледишта за настанувањето на пожарот од претходните вештачења. 

Неколку денови по ова вештачење, поднесено е и обвинението, кое опфаќа три физички лица, двајцата директори, Флорим Бесими и Артан Етеми за „тешки дела против општата сигурност“ и докторот Бобан Вучевски за „непостапување по здравствени прописи за време на епидемија“.

Судскиот процес ја збуни јавноста, бидејќи во ниту еден момент од главните расправи не се дискутираше за причините за пожарот, а не беше презентирано ниту германското вештачење. На крајот од судскиот процес, дури и судијата Јордан Велковски самоиницијативно им појасни на новинарите дека ова судење не беше за пожарот и дека Обвинителството е тоа што ги носи предметите кај нив, а овој предмет е за други кривични дела.

Втора шанса за правдата има во уште една обвинителска истрага што се води во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Беше најавено дека ова обвинителство ќе ја проверува тендерската документација, но таа истрага е сè уште во фаза на предистрага и не бележи никаков напредок.

Истражувачката сторија „Убиство во Тетово“ се темели на документација што новинарите ја обезбедија од институциите преку Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер, како и материјали доставени од свиркачи од тендерската постапка за градењето на модуларните објекти и од истрагата водена од Основното јавно обвинителство во Тетово. 

Материјалите содржат 585 документи напишани на 5.455 страници.  

Соопштение од Медиаплан за Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ)

—————————————————————————————————————————

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан