• недела, 22 декември 2024

Истражување: Македонската јавност со ограничени познавања за Евреите и нивната религија

Истражување: Македонската јавност со ограничени познавања за Евреите и нивната религија

Скопје, 2 декември 2024 (МИА) – Поголемиот дел од македонската популација има ограничени познавања за еврејската религија, односно јудаизмот, покажува последното истражување „Перцепции на граѓаните за Еврејската заедница и Евреите во Република Северна Македонија“, спроведено од Институтот за политички истражувања – Скопје, интернет порталот „Религија.мк“ и Фондацијата Конрад Аденауер.

Истражувањето покажува дека перцепцијата на граѓаните за македонските Евреи е исклучително позитивна. Најголем дел од нив сметаат дека таа има позитивна улога во општествениот живот и државата, односно тие ја почитуваат и се нејзини лојални граѓани.

На прашањето „Каква е улогата на Еврејската заедница во општественото живеење во Р.С.Македонија“, 34,9 отсто одговориле позитивна, 15,5 проценти до некаде позитивна. Над половина од испитаниците се изјасниле и дека улогата на Евреите во земјата е позитивна.

Најголем дел од граѓаните сметаат дека Евреите немаат привилегиран статус туку ги имаат истите права како и сите останати граѓани, а дека државата има направено доволно за Еврејската заедница во земјата. Шеесет и четири проценти од анкетираните сметаат дека Евреите се лојални државјани на Република Северна Македонија.

- Истражувањето покажува дека доминираат одредени стереотипи за еврејскиот народ карактеристични не само за нашата држава туку и на европско па и глобално ниво. Првите асоцијации со кои се поврзуваат Евреите се холокаустот како и моќ и материјални добра, кои соодветствуваат со одредени стереотипи како резултат на глобалните историски наративи, известуваат од Фондацијата Конрад Аденауер.

Иако околу третина од испитаниците знаат што е антисемитизам, повеќето не се запознаени со точната дефиниција на поимот.

Истражувањето покажува дека голем дел од граѓаните се запознаени со холокаустот кој им се случил на Евреите во втората светска војна. Високи 66 отсто од граѓаните сметаат дека холокаустот се случил, додека само 9 проценти имаат мислење дека немало холокауст.

Според резултатите, македонските државјани ги прифаќаат Евреите и како пријатели (73.3%), како колеги (73.1%), но и како членови на семејство (58,8%). Високи 64.6% испитаници сметаат дека Евреите имаат и учествуваат во градење меѓуверски соживот во државата. Испитаниците, или 31.2% од нив, сметаат дека православните христијани се најголеми пријатели на Евреите во земјата, соопштуваат од Фондацијата Конрад Аденауер.

- Повеќето испитаници сметаат дека постои светско еврејско лоби без притоа да се дава каква било конотација, било да е таа позитивна или негативна, што се забележува и од одговорите на последното прашање каде најголем дел од испитаниците не веруваат во одредени тврдења или инсинуации дека токму Евреите се тие коишто го контролираат светот. Ова е во целосна корелација со позитивните перцепции кои македонските граѓани ги имаат за Евреите и Еврејската заедница, а кои се нотираа во претходните сегменти од истражувањето, соопштуваат од Фондацијата Конрад Аденауер.

Истражувањето на интернет порталот „Религија.мк“, Институтот за политички истражувања – Скопје заедно со Фондацијата Конрад Аденауер е дел од повеќегодишниот проект кој ја анализира перцепцијата на граѓаните во врска со влијанието на религијата во мулти-конфесионални општества.

- Станува збор за уникатно и прво вакво истражување на јавното мислење во Република Северна Македонија, велат истражувачите.

Истражувањето е спроведено на крајот на септември 2024. Анкетата е направена помеѓу полнолетни испитаници на национално ниво. Во него беа вклучени 1074 испитаници со задржување на генералниот сооднос во поглед на базичните демографски карактеристики како пол, возраст, професија и образование. Маргиналната грешка е помеѓу +/-3.2% со 95% интервал на веродостојност. ир/дма/

 

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан