Истражување: Во 2023 година најмногу вооружени конфликти од крајот на Втората светска војна
- Лани имало 59 конфликти од кои 28 во Африка, покажа Институтот за истражување на мирот во Осло (ПРИО). Но, бројот на земји кои доживеаја конфликти се намали од 39 во 2022 година на 34.
Осло, 10 јуни 2024 (МИА) - Во светот во 2023 година се случиле повеќе вооружени конфликти од која било друга година од крајот на Втората светска војна, според норвешката студија објавена денеска.
Лани имало 59 конфликти од кои 28 во Африка, покажа Институтот за истражување на мирот во Осло (ПРИО). Но, бројот на земји кои доживеаја конфликти се намали од 39 во 2022 година на 34.
Бројот на загинати во борбите, исто така, се преполови на околу 122.000 во текот на претходната година, според податоците собрани од шведскиот универзитет во Упсала од невладини и меѓународни организации. Оваа бројка, сепак, остана трета највисока од 1989 година, во заднина на војната во Украина и конфликтот меѓу Израел и палестинското движење Хамас.
-Насилството во светот е на највисоко ниво од крајот на Студената војна, рече Сири Аас Рустад, истражувачка на ПРИО и главна авторка на извештајот што ги опфаќа трендовите во периодот 1946-2023 година.
„Бројките сугерираат дека конфликтниот пејзаж станува се покомплексен, со повеќе конфликтни актери“, објасни таа.
Додека бројот на загинати во борбени дејствија се намали минатата година, акумулираниот број во изминатите три години е највисок за тригодишен период во последните 30 години.
Во Африка се регистрирани вкупно 28 вооружени конфликти, потоа Азија со 17, Блискиот Исток со 10, Европа со три и Америка со еден.сд/