Истекува рокот за пријавување за Програмата за млади менаџери и деловни лидери
- До 10 јануари 2022 трае јавниот повик за Програмата за млади менаџери и деловни лидери која од јануари до мај годинава ќе ја спроведе Советот на странски инвеститори под покровителство на пре
Скопје, 8 јануари 2022 (МИА) - До 10 јануари 2022 трае јавниот повик за Програмата за млади менаџери и деловни лидери која од јануари до мај годинава ќе ја спроведе Советот на странски инвеститори под покровителство на претседателот на државата Стево Пендаровски.
Целта на програмата е над 30 млади и амбициозни луѓе од земјава, преку повеќе значајни обуки да стекнат конкурентни вештини и знаења што ќе ги одведат во нови професионални предизвици.
Обуките ќе бидат спроведени во 18 компании коишто ќе бидат вклучени во програмата, а се членки на Советот на странски инвеститори: ЕВН Македонија, Костал Македонија, Макстил, Џонсон Мети, Либерти стил, Комфи ангел, Ван хоол, Пивара Скопје, Амфенол технолоџи Македонија, Ронтис, Кромберг и Шуберт, Македонски телеком, Шпаркасе банка, Турмак (Џевахир групација), Цементарница Усје, Баумер, ИутеКредит и Порше Македонија.
Согласно јавниот повик, кандидатите треба да бидат на возраст до 29 години. Може да учествуваат студенти во последната година од додипломските студии, дипломирани, како и студенти на магистерски и докторски студии на високообразовни институции од научни области со кои се занимаваат компаниите вклучени во оваа програма.
Заинтересираните може да се пријават на www.fic.mk најдоцна до понеделник, 10 јануари 2022.
Детали за програмата за млади менаџери и деловни лидери може да се добијат од лицата за контакт: Пранвера Имери (p.imeri@president.mk) и Влатко Стојановски (vlatko@mchamber.mk) хс/са/