• понеделник, 23 декември 2024

Истекува рокот за задолжителната вакцинација на вработените во центрите за грижа во Грција

Истекува рокот за задолжителната вакцинација на вработените во центрите за грижа во Грција
Атина, 16 август 2021 (МИА) – Во Грција денеска истекува рокот за задолжителната вакцинација на сите вработени во центрите и институциите наменети за грижа на лица, а во спротивно, тие што ќе одбијат да се имунизираат ќе бидат на принуден, неплатен одмор, јави дописничката на МИА од Атина. Мерката беше соопштена минатиот месец и се однесува на вработените во јавните и приватните домови за нега на стари лица, во центрите за рехабилитација, во центрите за грижа на лица со инвалидитет и попреченост, во домовите за деца без родители, во институциите за згрижување на хронично болни и сл, кои до 16 август добија рок или целосно да бидат вакцинирани или да имаат примено барем една доза од вакцината. Задолжителната вакцинација се однесува на целиот персонал, на здравствениот и административниот, а за прием во центрите за кои важат одлуките, предуслов е завршената имунизација. Паралелно, конкретните центри, домови и институции, кои ќе ги прекршат правилата, предвидена е парична казна од 50.000 до 200.000 евра. Во Грција, вакцинацијата, од 1 септември ќе биде задолжителна и за здравствените работници и за административниот персонал во болниците, здравствените центри, дијагностички центри, центрите за рехабилитација, клиниките итн, без разлика дали се приватни или јавни здравствени структури. Паралелно, и понатаму е во сила одлуката во внатрешните делови на угостителските објекти влезот да е дозволен само за вакцинирани лица или оние кои прележале Ковид-19, истото важи и за ноќните клубови без разлика дали се на отворено или затворено, а се чини дека оваа мерка ќе продолжи да важи и на есен. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во четвртокот рече дека кон крајот на месецов ќе соопштат која ќе биде владината политика за затворените делови за време на есенскиот и зимскиот период, која нема да биде многу поразлична од досегашната. - Не очекувајте дека ќе има значителна разлика во нашиот пристап кон тоа кој смее или не смее да влезе во затворени простори за забава, кога ќе се вратиме во градовите и кога времето ќе почне да заладува, истакна Мицотакис на прес конференцијата во четвртокот. ср/ми/

Остани поврзан