• понеделник, 02 февруари 2026

Иран ги повика амбасадорите на ЕУ за да им врачи протестна нота поради вклучувањето на Револуционерната гарда на списокот на терористички групи

Иран ги повика амбасадорите на ЕУ за да им врачи протестна нота поради вклучувањето на Револуционерната гарда на списокот на терористички групи

Техеран, 2 февруари 2026 (МИА) - Иран денеска соопшти дека ги повикал сите амбасадори на Европската унија во Исламската Република, за да им врачи протестна нота поради тоа што ЕУ го вклучил корпусот на Исламската револуционерна гарда на списокот на терористички групи.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи изјави дека повикувањето на амбасадорите почнало вчера и продолжило денеска, јавија агенциите.

„Разгледани се низа акции, се подготвуваат различни опции и се испраќаат до надлежните тела за донесување одлуки. Сметаме дека во наредните денови ќе се донесе одлука за реципрочната акција на Исламската Република Иран како одговор на незаконскиот, неразумен и многу погрешен потег на ЕУ“, рече Багеи.

ЕУ минатата недела ја стави Гардата на списокот на терористички групи поради нејзината улога во крвавото задушување на националните протести во јануари, во кое загинаа илјадници луѓе, а десетици илјади беа приведени.

Други земји, вклучувајќи ги САД и Канада, претходно ја означија Гардата како терористичка организација. Претседателот на иранскиот Парламент вчера изјави дека Исламската Република сега ги смета сите војски на Европската Унија за терористички групи, повикувајќи се на закон од 2019 година. рп/ми/

Фото: МИА архива

Остани поврзан