• понеделник, 23 декември 2024

Иранскиот претседател вели дека САД не може да се игнорираат

Иранскиот претседател вели дека САД не може да се игнорираат

Техеран, 12 ноември 2024 (МИА) - Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска изјави дека „Техеран не може да ги игнорира непријателските САД и дека мора да биде трпелив со непријателските земји“.

„Сакале или не, мораме да се справуваме со САД на регионалната и меѓународната сцена, па подобро е сами да управуваме со тој однос“, рече Пезешкијан, кој се смета за релативно умерен лидер на Иран.

„Мора да бидеме дарежливи кон нашите пријатели и трпеливи кон нашите непријатели“, додаде тој.

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, за време на неговиот последен мандат во 2018 година, ги повлече САД од нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Техеран и светските сили, враќајќи ги строгите санкции како дел од неговата политика на максимален притисок врз Иран.

Иако нема индикации дека некој во новата администрација на Трамп ќе се сретне со раководството на Иран по преземањето на функцијата во јануари, републиканецот за време на кампањата рече дека не сака да му наштети на Иран, но дека не може да има нуклеарно оружје.

За време на мандатот на актуелниот демократски претседател Џо Бајден започнаа неформални разговори меѓу Техеран и Вашингтон за заживување на нуклеарниот договор, но тие беа неуспешни.

Иран формално сè уште е дел од договорот, но се откажа од некои обврски од договорот како одговор на американските санкции.

Портпаролката на иранската влада Фатеме Мохаџерани рече дека Иран ќе ги следи своите интереси кога ќе биде прашана за потенцијален состанок со администрацијата на Трамп.

Таа потсети дека конечната одлука за овие разговори ја донесува иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, заедно со Врховниот совет за национална безбедност.

„Кампањата на Трамп за максимален притисок не успеа, иако тоа беше товар за народот. Важни се постапките, а не зборовите, но му препорачуваме на Трамп да ги земе предвид неуспесите на неговите минати политики“, заклучи Мохаџерани. паг/

Фото: ДПА

 

Остани поврзан