• петок, 22 ноември 2024

ИППГ за ЛГБТИ луѓето против говорот на омраза по емитувањето на емисијата „Моја Сторија“ на МРТВ

ИППГ за ЛГБТИ луѓето против говорот на омраза по емитувањето на емисијата „Моја Сторија“ на МРТВ
Скопје, 23 април 2021  Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето го осудува хомофобичниот и трансфобичниот говор на омраза кој се појави во јавноста по емисијата “Моја Сторија” на МРТВ. Говорот на омраза кон ЛГБТИ луѓето го повредува нивното достоинство, креира застрашувачка и непријателска средина, оневозможува да живеат слободно и без предрасуди, а многу често директно може да придонесе кон зголемувањето на насилството и делата од омраза мотивирани од сексуалната ориентација или родовиот идентитет на жртвите. Сметаме дека програми како оваа, кои отворено зборуваат за правата на ЛГБТИ луѓето, ги претставуваат нивните проблеми и барања, треба се почесто да се емитуваат на националните медиуми со цел подигнување на свеста и создавање емпатија и солидарност со оваа маргинализирана група. Медиумите и средствата за јавно информирање се клучна алатка преку која треба да се гради културата на прифаќање на различностите и ненасилството. Говорот на омраза, вклучително и кон ЛГБТИ луѓето е забранет со Кривичниот законик, Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, секој во својата област. Апелираме надлежните институции да реагираат на говорот на омраза и да покренат соодветни постапки за санкционирање на сторителите, а медиумите и образованието да ги засилат активностите за превенција од дискриминација кон ЛГБТИ луѓето и да направат напори за позитивна промена во свеста и вредностите на сите чинители.
Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето
__________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан