• понеделник, 23 декември 2024

Информации за 5Г и бродбенд-мрежата усвоени на седница на Владата

Информации за 5Г и бродбенд-мрежата усвоени на седница на Владата
Скопје, 22 јуни 2022 (МИА) - Информации за потребата од отворање на 5Г-фреквенциите за телеком-операторите, како и за почнување физибилити студија за инсталација на бродбенд-мрежата на интернетот во државава се усвоени на вчерашната седница на Владата, информираат од Министерството за информатичко општество и администрација. Оттаму истакнуваат дека остануваат на заложбата за континуиран процес на реформи во јавната администрација и дигитализација. Главниот фокус, како што појаснува МИОА, е на обезбедување на максималните придобивки од имплементацијата на 5Г, вклучувајќи го и развојот на економскиот пазар преку поддршка и развој на нови услуги од најразлични сегменти на вертикалниот пазар кои се нудат на крајните корисници; обезбедување бродбенд за сите области во државата, развојот на електронските комуникации, а особено на 5Г-мрежите. На вчерашната владина седница е усвоена и Информацијата за подготовка на Стратегија за реформа а јавната администрација (2023-2030), со акцент на препораките содржани во мониторинг-извештајот на СИГМА за Република Северна Македонија од 2021 година. - Во рамките на континуираниот процес на реформи во јавната администрација и силните заложби во таа насока, целта е обезбедување модерна и ефикасна јавна администрација базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти, појаснуваат од МИОА. лв/са/

Остани поврзан