Интензивно се гради дистрибутивната гасоводна мрежа кон кумановско Доброшане
- Нови два километри делница од гасоводната мрежа добива Куманово, информираа денеска надлежните од ЈП „Куманово Гас“. Градежните активности се интензивни, фирма изведувач има обврска да ги заврши за 180 дена.
Куманово, 18 јули 2025 (МИА) - Нови два километри делница од гасоводната мрежа добива Куманово, информираа денеска надлежните од ЈП „Куманово Гас“. Градежните активности се интензивни, фирма изведувач има обврска да ги заврши за 180 дена.

- Почна реализацијата на проектот добиен на првиот повик од владата, изградба на делница кон индустриска зона во населба Доброшане во должина од 2000 метри избрана е фирма изведувач која веќе е воведена во работа и неколку дена работи.Активностите течат според планираното, изјави директорот на ЈП „Куманово Гас“, Марко Митровски.
Трасата поминува на регионален пат, а покрај населението, на мрежата ќе се приклучат поголемите компании кои функционираат во ова населено место. Токму големите корисници се приоритет на „Куманово гас“. Надлежните очекуваат да се заврши со градежните активности и малите и средните претпријатија од приватниот сектор да се приклучат на мрежата, бидејќи и самите побарале проширување на мрежата кон нивните производни капацитети. Покрај бизнис заедницата ќесе приклучат и домаќинствата.

- Клучно беше барањето на компаниите кои сакаа да се приклучат на мрежата. Ги чекаме нивните проектни документации. И граѓаните кои видоа дека почна изградбата се заинтересирани за приклучување, додава Митровски.
Тој посочи дека токму изградбата на дистрибутивната мрежа овозможува во кое било време во наредниот период и години секој што ќе изрази желба и потреба да може да се приклучи на мрежата и да стане корисник.
Општината доделува субвенции за приклучок на граѓаните, во моментов изнесуваат 25.000 денари. Цената на гасот летово изнесува се движи од 53 до 55 денари, за почетокот на грејната сезона се очекува да биде од 55 до 60 денари. ам/дма/
Фото: МИА