• петок, 22 ноември 2024

Институт за демократија: Законот за висока раководна служба да се донесе пред парламентарните избори

Институт за демократија: Законот за висока раководна служба да се донесе пред парламентарните избори

Скопје, 24 ноември 2023 (МИА) - Институтот за демократија укажува на итната потреба од донесување на Законот за висока раководна служба и негово соодветно имплементирање.

Донесувањето на Законот за висока раководна служба, се вели во денешното соопштение од Институтот, ќе донесе стандарди за професионализација на високата раководна служба и претставува чекор напред кон решавање на долгогодишен проблем со назначувањето на директори и раководители во Република Северна Македонија.
 
Подготовката и донесувањето на Законот, посочуваат, се провлекува веќе неколку години наназад, а одговорноста за ова се префрла низ различни институции.

- Одложувањето на спроведувањето на законот доведува до продолжување на практиката на нетранспарентни и неквалитетни именувања на директори и раководители. Со цел да се сопре оваа пракса, неопходно е итно донесување на Законот за висока раководна служба и негова примена. Недоречената правна рамка во моментов дозволува злоупотреба и распределба на позиции во нетранспарентни постапки, базирани на партиска припадност и коалициски договори. Ова резултира со неефикасност на институциите и го нарушува навременото и квалитетно испорачување на услуги до граѓаните, стои во соопштението од Институтот за демократија.
 
Додаваат дека Меѓународната заедница низ годините ја посочува потребата од департизација и вложување во капацитетите на јавната администрација. Законот, подвлекуваат во соопштението, треба да обезбеди најсоодветни кадри кои ќе раководат со институциите и да превенира партиски пазарења.

- Затоа сега е вистинско време да се вложат напори и да се донесе Законот за висока раководна служба, пред распуштање на Собранието за претстојните парламентарни избори. Со Законот ќе се разграничуваат политичките од менаџерските позиции во институциите, ќе се воспостави механизам за селекција на раководители заснован на заслуги и ќе обезбедува поголема ефикасност на работата на институциите, реагираат од Институтот за демократија. цр/са/

Фото:МИА архива
 

Остани поврзан