• недела, 22 декември 2024

ИНСТАТ го одби барањето на МАЕИ и Мала Преспа да биде опфатена со продолжениот рок за попис

ИНСТАТ го одби барањето на МАЕИ и Мала Преспа да биде опфатена со продолжениот рок за попис

Тирана, 8 ноември 2023 (МИА) – Албанскиот Институтот за статистика, ИНСТАТ го одби барањето на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, пописот на населението да се продолжи и за подрачјето на Мала Преспа.

- Добивме негативен одговор на барање до ИНСТАТ, со образложение дека продолжувањето на пописот на населението и домаќинствата важи само за планинските населени места и оние погодени од катастрофалниот земјотрес, што земјата ја погоди на 26 ноември 20019 година. Барањето го доставивме од причина што добар дел од жителите се сезонски работници во Македонија и Грција, поради што, во предвидениот рок не се контактирани од попишувачите, изјави за МИА, Ефтим Митрески, потпретседател на партијата.

Митревски, кој го достави барањето до ИНСТАТ, смета дека доколку би било одобрено продолжување на пописот и во ова подрачје, населено само со Македонци, ќе овозможело поголем процент на опфатеност.

Пописот во Албанија почна на 18 септември и требаше да заврши на 30 октомври, но ИНСТАТ неколку дена пред крајот соопшти дека истиот продолжува до 15 ноември, бидејќи „околу 3 отсто од подрачјата, главно планински, на целата територија на Република Албанија сè уште не се попишани“.

Податоците собрани на терен, од оваа значајна статистичка операција ќе бидат обработени, анализирани и објавени во форма на официјална статистика во јуни идната година.

Ова е 12. попис по ред на населението во историјата на Албанија, првиот е спроведен во 1923 година, а последниот во 2011 година. вт/дма/

 

Фото: МИА

Остани поврзан