Индустриското производство во декември лани намалено за 5,8 отсто на годишно ниво
- Гледано по сектори, во декември 2023 година, во однос на декември 2022 година, индустриското производство бележи опаѓање од 3 проценти во Рударство и вадење на камен, од 3,2 проценти во Преработувачка индустрија и од 23,2 проценти во Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.
Скопје, 31 јануари 2024 (МИА) - Индустриското производство во 2023 година споредено со 2022 година бележи раст од 0,7 проценти. Во декември 2023. во однос на декември 2022 година, пак, индустриското производство е намалено за 5,8 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.
Гледано по сектори, во декември 2023 година, во однос на декември 2022 година, индустриското производство бележи опаѓање од 3 проценти во Рударство и вадење на камен, од 3,2 проценти во Преработувачка индустрија и од 23,2 проценти во Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.
Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во одделите: Производство на прехранбени производи, Производство на облека, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на други неметални минерални производи, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема и Производство на електрична опрема.
Според главните индустриски групи, производството во декември 2023 година, во однос на декември 2022 година, бележи опаѓање кај Енергија за 23,9 проценти, Интермедијарни производи, освен енергија за 9,9 проценти, Трајни производи за широка потрошувачка за 1,9 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 7,4 проценти, додека пораст има кај Капитални производи за 22,6 проценти. лв/нд/